Претставници на власта тврдат дека е недозволиво да се произведува струја која ќе биде поскапа од онаа што може да се увезе и чија берзанска цена е пониска од производствената, додека опозицијата убедува дека Владата набавува екстремно скапа струја
Власта и опозицијата и денеска продолжија со изнесување различни ставови околу производството и увозот на електричната енергија. Претставници на власта тврдат дека е недозволиво да се произведува струја која ќе биде поскапа од онаа што може да се увезе и чија берзанска цена е пониска од производствената, додека опозицијата убедува дека Владата набавува екстремно скапа струја.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека недозволиво е да се произведува електрична енергија по повисока цена, ако на пазарот има струја чија берзанска цена е пониска од производствената. Со домаќинско управување со енергетската криза мора да се следи што се случува на пазарот и токму затоа сега се прави привремен увоз на електрична енергија, објаснува Битиќи.
„Уверуваме дека ќе имаме доволно електрична енергија до крајот на годинава. Тековното работење не треба да ги засега сите затоа што на крајот на денот енергетскиот биланс ќе биде тој што го кажавме пред некој месец со планот до крај на годината. Од јануари ќе гледаме како ќе продолжиме понатаму, но и претходно сме докажеле дека тоа што ќе го ветиме, го испорачуваме“,
рече Битиќи во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Балканскиот економски форум во Скопје.
Тој посочи дека нема да има поголем проблем со електричната енергија и нагласи дека се прават сите подготовки за во декември да почне производството со сите расположливи домашни капацитети.
„ТЕЦ Неготино е во процес на ремонт, но неговата производна цена на електричната енергија е повисока од берзанската цена и немаше логика да произведува дури и да беше во можност да испорачува електрична енергија“,
укажа Битиќи.
Во врска со кампањата „Штеди струја“ , Битиќи истакна дека финансиските средства за нејзино спроведување не се од Буџетот, туку од општествено одговорни компании.
„Мислам дека воопшто нема да ја чини државата затоа што општествено одговорните претпријатија соодветно постапуваат во период кога треба да се повика на штедење. Не знам дека на Влада имаме одобрено финансиски средства за тоа и затоа мислам дека е битна пораката која се испраќа со кампањата“,
посочи Битиќи.
Наспроти тврдењата на Битиќи, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повторно потенцира дека и покрај ваквата состојба во енергетиката, владата набавува екстремно скапа струја.
„На почетокот сценариото беше да работат трите блока во Битола, да работат двата котли, една турбина во Неготино, да работи Осломеј и хидропотенцијалот. Од се ова утрово работи само еден блок, вториот блок во РЕК Битола и хидрото ни е на 18 отсто и сега веќе имаме повторно нова набавка на електрична енергија која што треба да биде од 21 до 27 некаде околу 32 гигават-часа бараат струја. Среќа во целата несреќа е што времето се уште некако не е до толку студено. Замислете да паднат температурите под 5 степени, како што ќе паднат, еве ако не сега следната недела ќе паднат веќе декември, јануари, февруари што ќе правиме тогаш?“,
додава Мицкоски во емисијата „Еспресо со Златев и Боцевски“.