Намалувањето на казните за членовите 353 и 394 се дел од поширок предлог-пакет измени на Кривичниот законик, а Владата предлага тие да се носат со европско знаменце и по скратена постапка. Предлог-измените, како што се наведува во материјалот испратен до Собранието, Владата ги утврдила на седницата одржана на 29 август 2023 година, но јавноста не беше информирана за тоа
Во делот на образложението на Владата за измените на членовите 353 и 394 од Кривичниот законик се наведува дека злоупотребата на службената положба и овластување веќе подолго време како инкриминација е критикувана и го има епитетот на реликт од казненото законодавство во поранешна Југославија
Владата до Собранието поднесе предлог за измени на Кривичниот законик, со европско знаменце. Тоа значи дека, според Владата, измените се однесуваат на усогласување со европското законодавство, а дополнително се бара измените да се усвојат и по скратена постапка.
Предлог-измените за одредени членови и образложенијата се напишани на 44 страници, Меѓу нив е предлог за намалување на казните во членот 353 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, а кој најчесто се употребуваше за гонење службени лица и функционери. Намалување на казните има и за делото злосторничко здружување од членот 394.
Владата ги утврдила предлог-измените на седницата одржана на 29 август 2023 година, но јавноста не беше информирана за тоа ниту од владината прес-служба ниту од некого од нејзините членови.

Премиерот Димитар Ковачевски, во придружното писмо испратено до Собранието, наведува дека овој закон произлегува од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. За претставник на Владата во Собранието е определена заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, а за повереник Мухамед Точи, државен секретар во Министерството за правда.
Предлог-измените од вчера веќе се на дневен ред на собраниската Комисија за европски прашања.
„Веќе подолг временски период се изготвува новиот Кривичен законик. Во него посебно внимание е посветено на усогласувањето со меѓународните стандарди, а посебно со актите на Европската Унија. Со оглед дека се работи за обемен и сложен процес, постапката за негово донесување и примена ќе трае подолг временски период, заради потребата за усогласување и донесување на повеќе поврзани и зависни закони со Кривичниот законик (Законот за кривичната постапка, Законот за судовите, Законот за јавно обвинителство, Законот за прекршоците, Законот за извршување на санкциите и др.). Во меѓувреме, се појавија одредени ургентни прашања за кои сметаме дека би било целисходно да бидат регулирани за пократок период. Затоа, се издвоени некои ургентни прашања“,
пишува во образложението на Владата за предложените измени на Кривичниот законик.
Во објаснувањето за скратената постапка е наведено:
„Со оглед на тоа што не е во прашање сложен и обемен закон, согласно член 170 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, се предлага Собранието да расправа по Предлог на закон за изменување на Кривичниот законик, по скратена постапка“.
Помали казни за злоупотреба на службената положба
Конкретно, за членот 353 од Кривичниот законик се предлага намалување на казните во неколку става.
Актуелниот став 3 од членот 353 гласи:
„Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.“

Предложената измена на ставот 3 од членот 353 на КЗ гласи:
„Ако сторителот од делото од став (1) на овој член, со намера прибави за себе или за друг поголема имотна корист или нанесе поголема имотна штета, ќе се казни со затвор од една до четири години“.

Ова значи дека со предложените измени на членот 353, став 3, се намалува долната, а се воведува и горна граница на казна затвор за ова кривично дело. Односно, актуелното решение пропишува казна затвор од најмалку три години, а сега таа се ограничува меѓу најмалку една и најмногу четири години.
Понатаму, Владата предлага измена на уште еден дел од членот 353, поточно ставот 5. Во актуелното законско решение тој гласи:
„Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.

Во новиот предлог на Владата до Собранието е предвидено овој став да се избрише и на негово место да се воведат два нови става:
„ (5) Со казната од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице на странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Северна Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност.
(6) Прибавената имотна корист се одзема“.

Бришењето на ставот 5 од членот 353 значи дека нема да има дополнителна затворска казна (до пет години) за лицата кои ќе бидат осудени за злоупотреба на службената положба затоа што го сториле делото при вршење на јавни набавки или на штета на Буџетот. Поточно, за ваквите кривични дела ќе си важат останатите ставови од членот 353 од Кривичниот законик.
Понатаму, се предлага и измена на членот 353-в кој се однесува на „Несовесно работење во службата“, поточно на ставовите 2 и 3. Тие, во актуелното решение гласат:
„(2) Ако сторителот на делото од став 1 прибави поголема имотна корист или предизвика поголема имотна штета или потешко ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави поголема имотна корист или нанесе значителна штета, ќе се казни со затвор од најмалку три години“.

Во новиот владин предлог е предвидено бришење на ставот 2 од членот 353-в и измена на ставот 3. Така, наместо казна затвор од најмалку три години за службено или одговорно лице во јавно претпријатие или установа кое ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сега се поставува граница – од шест месеци до пет години.

Помали казни и за злосторничко здружување
Во актуелниот Кривичен законик на РСМ постои и делото злосторничко здружување, кое во суштина предвидува дополнителна казна затвор за кривични дела кои се сторени во група и со намера.
Актуелниот КЗ, во членот 394, став 1 предвидува:
„Тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор од една до десет години.
Припадникот на групата или бандата, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.“

Со предложените законски измени, пак, се предвидува намалување на пропишаната казна и за организаторот и за членовите на групите означени како злосторничко здружување. Така, се предлага казната за тој што ја создал групата да се намали од „една до десет години“ на „една до три години“. Казната за членовите од „шест месеци до пет години“ се менува на „шест месеци до две години“.

Влада: Критикуван реликт од Југославија
Во делот на образложението на Владата за измените на членовите 353, 353-в и 394 од Кривичниот законик се наведува дека злоупотребата на службената положба и овластување веќе подолго време како инкриминација е критикувана и го има епитетот на реликт од казненото законодавство во поранешна Југославија.
„Главната забелешка е дека се работи за апстрактна инкриминација чие битие е бланкетно и сето тоа придонесува кон различно толкување во нејзината примена. Во прилог на ова стојалиште се и компаративните законици на земјите од Европската Унија. Така, на пример, КЗ на Германија не познава одредба којашто има ваков карактер. Тоа не значи дека не се санкционираат различните облици на злоупотреба на службената положба и овластување. Argumentum a contrario, се конкретизираат најчестите конкретни облици на злоупотреба и притоа се пропишуваат казни кои зависат од квалитетот на неправото. Таков е концептот и на новиот КЗ на РСМ којшто во најскоро време треба да биде донесен“,
наведува Владата.
Предложените решенија (намалувањето на предвидените казни) во член 353, како и бришењето на некои ставови се движат во таа насока – да бидат на линија на новиот концепт во којшто се има направено стандардизација на критериумите за одмерување на казните, се додава во владиното образложение.
„Во таа смисла се и корекциите на членот 353-в и 394 од КЗ на РСМ. Потребни се, во овој меѓупериод до донесување на новиот КЗ, интервенции што би значеле приближување до новиот концепт на КЗ. И одредбата од член 353-в која е замислена како надградба на член 353, изобилува со многу непрецизности и неконзистентност во предвидените казни. Со овие измени и дополнувања се очекува да бидат исполнети одредени европски стандарди како и ’бајпасирање’ на актуелните состојби во казненото законодавство“,
објаснуваат од Владата.
Реакции
Дел од јавноста реагира дека власта предлага измени на Кривичниот законик со кои кривичните дела злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување ќе станат неказниви, односно побргу ќе застаруваат.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на Фејсбук реагираше дека СДСМ и ДУИ со предложените измени се подготвуваат за опозиција.
„СДС и ДУИ на велико се спремаат за губење на власта… Со ЕУ-знаменце, во Собрание, шверцуваат измени на Кривичниот законик со кои: се брише казната затвор од минимум 5 години за местење тендери; максималната казна затвор за ‘Злосторничко здружение’ се намалува од 10 на 3 години; се укинува проширената конфискација за нелегално стекнат имот“,
напиша Апасиев на Фејсбук.
Реагираше и поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров.
„Владата во трчање предлага поблаги казни за злоупотреба на службена положба и овластување и злосторничко здружување преку измени на Кривичниот законик во постапка со европско знаменце, со што овие кривични дела ќе застаруваат побргу. Значи ќе ја зацементираат неказнивоста со европско знаменце? Ваква злоупотреба на сѐ ‘европско’ ќе влезе во учебници! Измените се туркаат на мала врата, покрај други измени за кои се наведува основ во европски директиви, но во образложението за измените нема никакво објаснување за намалувањето на казните за овие две кривични дела. Од нема правда нема мир, дојдовме до нема казна, нема одговорност“,
напиша Димитров на Фејсбук.
Предлог-измените се 18. точка на дневниот ред на 125. седница на Собранието, која започна вчера.