Со доза на иронија, од СДСМ велат дека премиерот кој поседува часовник од 65 000 евра не може да се вози со половен авион, како и дека не може да се срами со помало и постаро летало кога српскиот претседател Александар Вучиќ има ново
Третата економија во Европа нема за плата, но има за авион. Вака опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) реагира на изјавата на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, кој вчера во телевизиско гостување соопшти дека идејата за набавка на нов владин авион не е повлечена ниту пропадната.

Од партијата остро го коментираат ставот на Томовски, кој во гостувањето во „Вести плус“ на телевизија Канал 5 рече дека ако сакаме да бидеме сериозна држава мора да имаме владин авион.
„Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, кажа што ѝ е приоритет на оваа власт: мора да имаме владин авион ако сакаме да бидеме сериозна држава. Идејата не е повлечена. Не е пропадната. Само е одложена. Парите се оставени. Купувањето чека. Сериозна држава, според нив, не се мери со чешма, со болница и со плата. Се мери со нов авион“,
велат од СДСМ.
Оттаму, во тој контекст, упатуваат критики до власта и до премиерот Христијан Мицкоски, кои, како што се вели во реакцијата, наместо на подобрување на економската состојба во државата, сакаат нов авион, затоа што седиштата во актуелното владино летало, кое е од 2004 година, им се тесни.
Дополнително, исто така со доза на иронија, од СДСМ велат дека премиерот кој поседува часовник од 65 000 евра не може да се вози со половен авион, како и дека не може да се срами со помало и постаро летало кога српскиот претседател Александар Вучиќ има ново.
„Минималната плата нека почека. Потрошувачката кошница нека почека. Дизелот од 100 денари нека почека. Земјоделецот со срамни 40 денари за пиперка нека почека. Анализите за водата во Гостивар нека почекаат. ПЕТ-скенерот нека почека. Авионот не може да чека. Тоа се најбрзо растечките плати. Тоа е најповолната кошница. Тоа е трета економија во Европа. Колената ги болеле од клечење, па сега мора летаат. Време имаа за одмор додека Гостивар се труеше. Време немаат да седат во економска класа“,
се вели во реакцијата од опозициската партија.
Оттаму порачуваат дека сериозна држава прво ги објавува извештаите за квалитетот на водата за пиење и ја обезбедува за сите граѓани, гарантира плата од 600 евра, го поправа ПЕТ-скенот и не слави додека 5 000 луѓе биле во болница.
„Пари за авион има. За живот нема. Тоа е целата програма“,
велат од СДСМ.
Директорот на СОЗР, Томовски, објаснувајќи ја потребата од набавка на нов владин авион, во интервјуто рече дека тој не се користи за потребите на Владата, туку и за да им се помогне на граѓаните во одредени ситуации, потсетувајќи на последните два случаи кога повредени пациенти се носеа на лекување во други земји.
Тој се осврна и на трошоците за сервисирање на сегашниот владин авион наведувајќи дека за оваа потреба во изминатите години биле потрошени околу два милиони евра.
