Како што дознава „360 степени“, Владата планира денеска да ја разреши Ана Петровска од директорската позиција во Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), но за ова нема ниту потврда ниту демант од владините портпароли кои и натаму се недостапни за нашата редакција
Петровска, во телефонски разговор, утрово пред закажана прес-конференција за шестмесечниот извештај за работата на Инспекторатот, ни рече дека не би сакала да си ја расипе прес-конференцијата и не сакаше да ги коментира најавите за нејзино разрешување
Од Владата пред малку стаса потврда дека во 14 часот денеска е закажана седница, но не и дека на оваа седница ќе биде разрешена Ана Петровска од директорската позиција во Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), како што дознава „360 степени“.
Двајцата владини портпароли и натаму се недостапни за „360 степени“ за да ги потврдат или демантираат овие информации.
Во соопштението се наведува дека седницата ќе биде преку видеоконференциска интернет-врска со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните, меѓу кои: разгледување предлог-уредбите за: методологијата за утврдување критериуми за распределба на наменски дотации и блок дотации за основното образование и средното образование, по општини за 2022 година, како и за методологијата за утврдување критериуми за распределба на блок дотациите за јавните установи за деца – детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки по општини за 2022 година, предложена од Министерството за труд и социјална политика и Информацијата за реализација на Акцискиот план за статус на проектите финансирани во рамки на ИПА 2 Годишна програма за 2017 „ЕУ Поддршка за образование, вработување и социјална политика“ на Министерството за образование и наука.
Вообичаено, на крајот се истакнува дека за донесените одлуки и заклучоци од денешната Владина седница, јавноста ќе биде известена преку соопштение веднаш штом ќе биде завршена.
Петровска, во телефонски разговор, утрово, пред закажана прес-конференција за шестмесечниот извештај за работата на Инспекторатот, ни рече дека не би сакала да си ја расипе прес-конференцијата и не сакаше да ги коментира најавите за нејзино разрешување.
Јавна тајна е дека Петровска, која за директорка дојде како кадар на ДОМ, е во конфликт со лидерката на партијата, Маја Морачанин, и дека евентуалното разрешување може да се смета за кулминација на внатрепартиските случувања.
„360 степени““ ја контактираше и Морачанин, која ни рече дека би коментирала дури откако би се случило такво нешто, ако се случи.
Внатрепартиските превирања во ДОМ добија јавност кон средината на мај годинава кога Петровска и на Мирослав Богдановски, останаа без партиските функции.
На тогашната седница на Централниот одбор на партијата, со мнозинство гласови, им беше изгласана недоверба, со што Петровска и Богдановски ги изгубија позициите потпретседатели и членови на Извршниот одбор. Причината, како што тогаш наведоа од ДОМ, е нелегитимна иницијатива за одржување вонреден партиски конгрес.
Подоцна, Богдановски најави дека ќе дејствува како независен пратеник, а потоа поднесе и оставка.