Повторно би го направил истото, само пообмислено, заради единството на црквата – вели ново-стариот владика на МПЦ ОА, г. Јован, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето – дали од денешна перспектива би постапил исто како во 2002 година кога, по Нишкиот договор, го прифати повикот на српскиот патријарх Павле за влез во канонско единство со СПЦ.
„Немаше друг начин ниту во 2002 ниту до моментот на признавање на автокефалијата, поинаку да се решава црковниот спор освен преку автономија со Српската црква, затоа што овие епархии кои се денеска во Република Северна Македонија доделени и се уште на почетокот на 20 век на СПЦ и не може да и се одземат. Освен ако сака таа може да ги ослободи, како што направи“,
вели владиката Јован.

На прашање дали се согласува дека главна фалинка на Нишкиот договор е што немаше временска одредница за тоа колкав период МПЦ ОА ќе биде автономна црква, г. Јован вели дека такво нешто не може да се дефинира и да се напише во договор.
„г. Јован: Ќе ви дадам пример, тоа е исто како сега да полагам ѓакон, а јас да му речам за десет дена ќе бидеш свештеник, а по 15 дена владика ќе бидеш, тоа никаде не се случува.
360°: Но, сега се случи, во оваа фаза кога стигна томосот од СПЦ.
г. Јован: Да, но повторно беа преговори во тајност. Кога излегоа во јавност, тогаш се дозна дека имало нешто, некаква клаузула дека се договориле толку кратко да трае.
360°: А што беше договорот тогаш? И тогаш ли имаше договор колку ќе биде автономијата?
г. Јован: Тогаш не беше договор, беше прашање на доверба за кое Српската црква велеше дека нема да трае повеќе од година дена, нема да биде автономија, ама тоа не беше запишано никаде во договорот. И сега секој може да има сомнеж на тоа. Како што и во последниов случај можеше да има сомнеж. Беше тоа договор личен меѓу српскиот патријарх и нашите архиереи.“

Дијалогот во последната фаза меѓу МПЦ и СПЦ траел многу кратко, вели Вранишковски, односно само неколку месеци. После дваесет години тешка и напрегната ситуација, созреаја размислувањата кај двете страни дека може да има решение, вели тој. Во консултациите не бил вклучен директно, туку му дал согласнот на српскиот патријарх.
„На сите има претежна оваа ситуација, зашто многу долго се чува ненормална ситуација за православието. Од една страна, овде гонењата не престануваа, од друга страна, СПЦ и сите други православни цркви ја признаваат само Православната охридска архиепископија. И сега – ние меѓународно сме признати она што го посакуваше и црквата и државата, а непризнати во својата татковина“,
вели Јован.