Дека работите „одат малку поотежнато“ во секторот правосудство согласен е и министерот за европски прашања Муртезани, кој изрази оптимизам дека процесот ќе добие на брзина во наредниот период
Реформската агенда од Планот за раст, како што кажа евроамбасадорот, не е замена за членството во Европската Унија, туку е алатка за да се поддржат подготовките на земјата за членство во Унијата, рече, меѓу другото, евроамбасадорот на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани
Владеењето на правото и реформите во јавната администрација се двете области каде што земјава најмногу доцни во реформската агенда и на нив треба да се стави фокусот во следниот период, вели шефот на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјава, Михалис Рокас.

„Има две области на кои треба да се фокусираме најмногу. Тоа е владеењето на правото, што е клучна компонента за сè, а другата е јавната администрација, односно реформата во јавната администрација. Потребна ни е компетентна јавна администрација којашто ќе може да ги спроведе сите реформи. Но, во делот на владеењето на правото работиме навистина напорно, знаеме дека тоа е голем приоритет. Стагнираше во изминатите неколку години, па затоа треба да имаме конкретни чекори напред и да ги имаме многу скоро“,
изјави евроамбасадорот одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани, посветена на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 за Северна Македонија.
Дека работите „одат малку поотежнато“ во секторот правосудство согласен е и министерот за европски прашања, Муртезани, кој изрази оптимизам дека процесот ќе добие на брзина во наредниот период.
„Првиот сигнал е дека во секторот правосудство реформите одат малку поотежнато. Колку и министрите да се трудата да дадат една дополнителна динамиката, динамиката на имплементација на реформите таму засега ми личи дека е побавна и се надеваме дека ќе добиеме дополнителна брзина“,
рече тој во одговорот на истото прашање, кои се областите каде земјава најмногу каска во реформската агенда.
Потребно е силно судство за борба со корупцијата
Рокас беше прашан и за коментар во врска со интерпелациите на петтемина членови на Судскиот совет изгласани неодамна во Собранието, на што рече дека одблизу ги следат процесите поврзани со ова тело.
„Очигледно е дека го следиме сето ова одблиску. Како што знаете, дадовме многу препораки за тоа како треба да се случуваат реформите во правосудството, не само во нашиот годишен извештај, туку и во извештајот за владеењето на правото, особено за Судскиот совет и предлозите околу него. Нашиот став е дека се што може да се гледа како мешање во независноста на судството и функционирање на Судскиот совет е прашање кое што кај нас предизвикува загриженост. Сите знаеме дека правните основи за распуштање на членови на Судскиот совет не се поврзани со интерпелацијата, тоа е поинаква процедура. Сето ова го следиме навистина одблиску и секако сакаме преку реформите, на коишто сите чекаме, да видиме силно судство што ќе биде основа за да ѝ се помогне на земјата да се избори со корупцијата што е прв приоритет и тоа со право“,
рече евроамбасадорот.
Северна Македонија ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра, од претфинасирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ, од кои 24,4 за буџетска поддршка и веќе се уплатени на Министерството за финансии.
Денешната прес-конференција уследи откако во понеделникот беше соопштено дека С Македонија е прва од земјите од Западен Балкан чии Договори за заем и за грант од Планот за раст и за Реформската агенда се ставени во сила.
„Пораката на Планот за раст е мошне јасна – тоа е сеопфатна понуда од Европската Унија за Западен Балкан за да се поттикнат социоекономските услови кои што отвораат нова страница во нашите односи. Вклучува збир мерки кои што нудат прогресивен пристап до единствениот пазар на ЕУ, до заедничкиот регионален пазар како и механизми за стимулирање реформи“,
рече Рокас на прес-конференцијата.
Реформската агенда не е лек за сите болести
Реформската агенда од Планот за раст, како што кажа евроамбасадорот, не е замена за членството во Европската Унија, туку е алатка за да се поддржат подготовките на земјата за членство во Унијата.
„Реформската агенда не е лек за сите болести туку претставува заеднички напор за да се спроведат потребните реформи кои може да го трансформираат општеството“,
рече тој.

Северна Македонија ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра, од претфинасирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ, од кои 24,4 за буџетска поддршка веќе се уплатени на Министерството за финансии.
Станува збор за седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка која што за Северна Македонија изнесува 750 милиони евра. Со ова, Северна Македонија стана првата земја во регионот која ги доби овие средства откако претходно ги заврши правните процедури, а тоа значи дека Договорот за заем и Договорот за грант се веќе ставени во сила. Покрај овие средства , како што кажа Рокас, земјава добива и пари од тековните ИПА програми кои надминуваат 500 милиони евра во чисти грантови за финансирање.
„Со овие финансиски распределби и јасната политичка поддршка Реформската агенда од Планот за раст е досега невидена можност за земјата да ги забрза клучните придобивки од членството во ЕУ, како и да ја зголеми економската конвергентност пред пристапувањето“,
рече евроамбасадорот.
Според него, спроведувањето на Реформската агенда од Планот за раст треба да резултира со тројна победа – опипливи придобивки за граѓаните, забрзување на интеграцијата на земјата во ЕУ и дополнителни ресурси во буџетот на земјата за поддршка на потребните реформи. Резултатите ќе се оценуваат два пати годишно, а средствата ќе се ослободуваат соодветно на фиксните полугодишни распореди. Ако се постигнат целите ќе се вршат и плаќањата кон националните буџети.