Вервизоли беше поставена на оваа позиција минатата недела, а ДКСК отвори предмет по анонимна пријава дека таа немала соодветни квалификации за оваа позиција
Откако ДКСК отвори предмет по анонимна пријава во која било наведено дека новоназначената главна ревизорка на Ревизијата на претпристапната помош на ИПА-фондовите, Афрона Вервизоли, нема соодветни квалификации за таа позиција, денеска од владиниот кабинет пристигна информација дека таа ќе биде разрешена уште во текот на утрешниот ден.
Од Владата велат дека покрај нејзиното разрешување ќе има и одговорност за злоупотребите на ИПА-фондовите во минатото и дека пренасочувањето на вниманието кон други теми ќе го толкуваат како бегство од одговорност за ваквите злоупотреби.
„Посочуваме дека е потребно и вниманието да се насочи кон отворените злоупотреби на парите од ЕУ и фондовите ставени на располагање кои беа присутни во изминатиов период а за кој постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) кои поради таквото работење побаруваат од државата исплата на неколку милиони евра“,
велат од владиниот кабинет.
За назначувањето на Вервизоли денеска реагираа и од опозициската СДСМ од каде велат дека тоа претставува целосно потценување на позицијата.
„Второто кадровско решение, Афрона Вервизоли, кое веќе го истражува Делегацијата на ЕУ во Македонија е целосно потценување на позицијата. Со владина одлука од минатата недела на таа позиција е назначена Афрона Вервизоли која според медиумите нема соодветни квалификации за таа позиција. Според достапните информации, Вервизоли работела на шалтер во банка, а сега ќе треба да биде главен ревизор на претпристапната помош во ЕУ. Ваков напредок во кариерата е можен само во владата на Мицкоски, а кои се причините должен е да каже тој“,
велат од СДСМ.
Дел од медиумите објавија и дека овој случај предизвикал интерес и кај Делегацијата на ЕУ во земјава од каде посочиле дека сите функционери треба да бидат поставени законски и со исполнети критериуми за вршење на функцијата. Предлогот за Афрона Вервизоли кој минатата недела помина на владина седница, бил на коалицијата „Вреди“.
Инаку, за потсетување, овој случај не е прв каде што функционер кој бил назначен на одредена функција бил експресно отстранет во мандатот на оваа владејачка коалиција. Пред половина месец, Владата за в.д. заменик на „Идризово“ го постави Ибрахим Ељези, а откако следуваше реакција од СДСМ дека ова лице издржувало 4 годишна затворска казна за недозволена трговија со дрога, неговото име за само еден ден исчезна од владиното соопштение, по што Владата побара од СДСМ да не шири дезинформации.