За време на викендите дозволено е шетање на милениците од 20 до 20:30 часот, до 100 метри оддалеченост од живеалиштето
Студентските домови и интернати, во наредниот период, ќе се користат како карантини, доколку има потреба од тоа, согласно со уредбите со законска сила што ги донесе Владата на денешната седница.
„Имајќи ја предвид прогласената вонредна состојба во државата, со овие уредби се овозможува ученичките и студентски домови да се користат како сместувачки капацитети за превенција од ширење на коронавирусот“,
пишува во соопштението.
Владата, на денешната 31. седница, донесе измени на уредбата за ограничено движење за да им излезе во пресрет на сопствениците на домашни миленици. Со овие измени се утврдува дека за време на викендите дозволено е шетање на милениците од 20 до 20:30 часот, до 100 метри оддалеченост од живеалиштето, како што предлага Ветеринарната комора.
Координација со НАТО
Владата ја активира и комуникацијата со Евро-атлантскиот центар за координиран одговор во случаи на катастрофи на НАТО. Како што соопшти владината прес-служба, согласно заклучокот од 14. состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус, Владата денеска заклучи да побара од НАТО да бидат активирани механизмите за цивилна заштита во услови на вонредни состојби и задолжи работна група, предводена од Секретаријатот за европски прашања, кој ја координира меѓународната помош, да подготви листа на приоритети за кои е неопходна идна асистенција од овие механизми.
Пренамена на средства од ИПА
На седницата е разгледана и усвоена Информацијата за привремена пренамена на расположливите ИПА средства од соодветните девизни сметки наменети за имплементација на ИПА програмите во буџетот на Северна Македонија, а во функција на справување со кризата. Министерството за финансии доби задолжение да побара одобрување од соодветните служби на Европска комисија за привремено користење на преостанатите салда на ИПА средства од неколку програми. Како дополнителен заклучок во врска со ова, Владата го задолжи Министерството за финансии да ги врати позајмените средства од буџетот по завршување на кризата, односно, во рокот и согласно насоките кои ќе се добијат од Европската комисија.
Владата го разгледа и донесе Протоколот за влез во Северна Македонија на странски дипломати, акредитирани во земјата и членови на нивните семејства и го задолжи Министерството за надворешни работи веднаш да ги извести сите странски дипломатско-конзуларни претставништва акредитирани во земјава за усвоениот Протокол. Согласно Протоколот, странските дипломати и членовите на нивните семејства при влез во земјата начелно не треба да бидат изземени од задолжителен карантин. Со цел да се почитува Виенската конвенција за дипломатски односи, а во исто време и да се почитуваат националните закони и правила, мерката државен карантин ќе се применува само онолку колку што е нужно.
За спроведување на овие мерки се задолжени Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство.
Поротниците со продолжен мандат
Усвоена е и уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба. Со оваа уредба издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршување на казната.
На судиите поротници на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, мандатот им се продолжува се до завршување на постапката по судскиот предмет. Судовите се должни при постапувањето, закажувањето и одржувањето на расправите да се придржуваат на Одлуката на Судскиот совет за постапување во услови на зголемена опасност од коронавирусот.