Оттаму посочија дека заврши времето кога министрите од СДСМ трошеа пари за спапи луксузирања и кога министри патуваа со владин авион до Ниш или Солин за шопинг
Трошоците за ручеци што ги прикажуваат од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) како наводни трошоци на министрите, се всушност сметки од бифињата што функционираат во рамките на министерствата, а чии услуги ги користат и плаќаат и вработените во тие установи. Ова е денешната реакција од Владата откако од СДСМ на прес-конференција соопштија дека во првите четири месеци од годинава, министрите потрошиле над 30 илјади евра во скапите скопски ресторани на гозби, ручеци и вечери.
„Владата ги демантира лажнитее и манипулативни наводи на СДСМ. Ресторанстките услуги на бифињата ги прикажува за трошоци за ручеци на министрите“,
се вели во денешното соопштение на Владата.

Според Владата, тоа не се трошоци на министерот за култура Зоран Љутков, ниту на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски или на друг владин министер, туку трошоци за бифињата што функционираат во рамките на министерствата, а кои ги користат и плаќаат вработените.
„Во времето на СДСМ оператор за ваквите услуги беше фамозната струмичка компанија „Концепт““,
информираат од Владата.
Оттаму посочија дека заврши времето кога министрите од СДСМ трошеа пари за спапи луксузирања и кога министри патуваа со владин авион до Ниш или Солин за шопинг.
Апелираат со внимание да се земаат лажните вести од како што велат, „партијата позната по деезинформирањето“.
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска на прес-конференција соопштија дека во првите четири месеци од годинава, владините функционери потрошиле над 30 илјади евра во скапите скопски ресторани. Посочија и дека гозби, ручеци и вечери плаќале речиси сите министри.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска вели дека според сметките се гледа дека главни кафанџии се, како што ги нарече, Дон Тимчо Муцински, Дон Филков, како и министерот за култура, Дон Љутков.