Постои политичка волја и од страна на Бугарија и од Северна Македонија за оттаму да обезбедиме електрична енергија по поповолна цена од берзанските, меѓутоа сепак мора да се почитуваат законските обврски што ги има Република Бугарија во тој дел, вели премиерот
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Владата и ресорните министерства деноноќно работат на сложени операции со цел да може да се обезбеди, во едни вакви исклучително тешки ситуации, електрична енергија и енергенси кои ќе можат да бидат по цени кои би биле поприфатливи и пооптимални за нашето стопанство.

Владата, според него, разговара со четири држави во однос на обезбедување енергенси и електрична енергија за снабдување на Северна Македонија.
„На состаноците кои ги имавме во Белград отпочнавме разговори со цел да ја искористиме когенеративна централа во приватна сопственост во Скопје, ТЕ-ТО, која што работи на гас. Ние понудивме и веќе ги донесовме нашите одлуки Србија да обезбеди гас, бидејќи тие имаат во нивните складишта, а Северна Македонија не располага со складишта за гас, доколку можат да најдат начин да донесат гас во Северна Македонија. Во тој случај тука би се произведувала електрична енергија која би била половина за Република Србија која што го обезбедува гасот, а половина за Република Северна Македонија. Од српска страна се уште ги испитуваат можностите тоа да се направи“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали е најдено решение за испорака на гас од Србија.
Тој додава дека доколку бидат во можност да го испорачаат гасот и да стигне до Северна Македонија тогаш таа идеја ќе може да се реализира, во спротивно нема да може да се реализира.
„Со Бугарија разговаравме за билатерален договор за обезбедување електрична енергија по поволна цена од берзанските, меѓутоа и на самата прес-конференција која ја имав со техничкиот премиер и со претседателот на Бугарија јасно кажавме дека тоа може да се направи единствено доколку е во согласност со регулативите на Бугарија која е обврзана сите вишоци да ги продава преку берза и регулативите на ЕУ. Состаноците и тогаш и сега, кога претседателот Пендаровски беше во Бугарија, навистина се водат со добра волја. Постои политичка волја и од страна на Бугарија и од страна на Северна Македонија, меѓутоа сепак мора да се почитуваат законските обврски кои ги има Република Бугарија во тој дел“,
потенцираше Ковачевски.
Во однос на договорите со Турција за Северна Македонија од таму да набавува електрична енергија, Ковачевски рече дека министерот за економија имал средба со државната компанија која се занимава со електрична енергија и нејзин транспорт „Бото“.
„Врз основа на разговорите кои се уште не се завршени треба да видиме која е понудата, колкава е количината која тие можат да ја испорачаат и истовремено се водат разговори за ослободување на прекугранични капацитети за транспорт на таа електрична енергија доколку се обезбеди по цени кои што одговараат на нашето стопанство“,
додаде премиерот Ковачевски.