УНЕСКО ги уважил напорите на македонската Влада за заштита на Охридскиот регион. Тоа е причина поради која Комитетот за светско наследство реши тој да остане надвор од црната листа на светско наследство во опасност.
„Комитетот за светско наследство ги прифати нашите аргументи и го препозна направениот прогрес минативе две години. Комитетот реши да не го впише Охрид и и Охридскиот регион на листата на светско наследство во опасност. Денешната одлука е силен ветер в грб и поддршка за Владата, за општините и за сите институции да ги спроведат преостанатите препораки. Време е за заедничко и координирано делување. Простор за компромиси по ова прашање нема,“.
изјави министерот без ресор, Едмонд Адеми.
Тој го повика и граѓанскиот сектор да даде свој придонес во процесот.
Со соопштение се јави и Владата, од каде сметаат дека одредени активности од изминативе две години биле клучни Охридскиот регион да ја избегне судбината на загрозено светско наследство.
„Како позитивни реформи, Комитетот посебно ги истакна активностите на Владата како укинување на плановите за ски- центар и експресен пат во Галичица, проектите за колекторскиот систем и пренасочувањето на реката Сатеска, како и носењето на новиот Закон за управување. Комитетот ја нотира и поздрави одлуката на Владата од 11 јуни за спроведување на останатите препораки на УНЕСКО,“
се вели во владиното соопштение.
Охрид овој пат се спаси, но сега претстои уште поголема работа, затоа што до 1 февруари 2020 земјава треба да достави извештај како напредува реализацијата на неисполнетите препораки.
Овој извештај ќе биде од витално значење, бидејќи ќе претставува основа за „охридското прашање“ на наредната УНЕСКО сесија во јуни 2020-та.