Владата ќе му предложи предлог-закон на Собранието, со кој значително ќе се намали бројот на членови во управните и надзорните одбори. Законското решение е на Министерството за економија, а чекорот го соопштија од кабинетот на заменикот на претседателот на владата за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.
Според соопштението од неговиот кабинет, новата регулатива треба да го подобри и изборот на кадри за тие позиции како и да воведе ред во висината на надоместокот кој го земаат членовите на управни и надзорни одбори.
„Министерството за економија го подготви Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија. Со новото законско решение се намалува бројот на членови на управни одбори, и тоа во државните претпријатија од 15 на 7 члена, а во општинските на 5 члена. Кај надзорните одбори бројот на членови се намалува од 5 на 3 члена. Дополнително со измените и дополнувањата, се регулира постапката за избор на членовите на управни и надзорни одбори и висината на надоместокот“,
соопштија од кабинетот на Љупчо Николовски
Постапката за избор на кадрите, надоместоците па и улогата на управните и надзорните одговори во одредени јавни претпријатија се честа основа за критика кон владејачките гарнитури во земјата. До јавноста најчесто стигнуваат примерите кога одреден партиски функционер ќе биде избран за одбор кој не е блиску до неговото образование и искуство, па на процесот се гледа само како на вдомување и награда за партиски кадри.
„360 степени“ во 2018 година ја истражуваше темата во соработка со Центарот за управување со промени и дојдовме до сознание дека во тој момент, во земјава имало 3 750 граѓани кои членуваат во управни или надзорни одбори. Најекстремни беа примерите како во Јавното комунално претпријатие „Пена“ од Могила, кое иако има само едно постојано вработено лице истовремено има и директор, 5 члена на управен и 5 члена на надзорен одбор.
Истражувањето откри и големи разлики во надоместоците за членство во управни и надзорни одбори. На некои места, членовите воопшто не биле платени. Но во други, месечниот надоместок оди над илјада и 100 евра.
Во 2018 година, во АД МЕПСО, кој е одговорен за пренос на струјата низ високонапонската мрежа во земјава, членовите на управниот одбор добиваа по 70 илјади денари месечно.
Впечатлив е и примерот со Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор. Претседателот на управниот одбор зема 23 500 денари секој месец, а членовите по 20 500 денари.
Сите управни и надзорни одбори, во 2018 година, државата ја чинеле околу 2,5 милиони евра годишно – сума која според тогашното истражување и препораки на Центарот за управување со промени треба да се рационализира. Друга препорака беше да се коригира начинот на одредување на висината на надоместоците, особено што има големи разлики кај институции од иста област.