Со овој потег, според партијата, Владата не само што го понижи албанскиот партнер, туку проектираше непријатно чувство на непожелност кај секој Албанец во земјата
Владата продолжува со создавање „зони без Албанци“ во државните институции, а тоа овојпат се огледува во составот на советничкиот тим на премиерот, каде речиси нема ниту еден Албанец. Ова е денешната реакција на Демократската унија за интеграција (ДУИ) откако Владата на својата официјална веб-страница ја објави листата на советниции на премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека системски се потиснуваат Албанците од позициите каде се носат одлуки.

„Оваа политика на мајоризација е позната во минатото и претставува реконфигурација на државниот систем, промовирајќи моноетничка доминација“,
пишува во соопштението од партијата.
Оттаму додаваат дека мултиетничкиот карактер на државата, како едно од најголемите достигнувања, во целост е загрозено.
„Со овој потег Владата не само што го понижи албанскиот партнер, туку проектираше непријатно чувство на непожелност кај секој Албанец во земјата“,
велат од ДУИ.
Според партијата, градењето инклузивни и функционални институции е основата на етничката рамноправност, но и една од суштинските европски вредности.
Вкупно 17 надворешни соработници го советуваат премиерот Христијан Мицкоски, а меѓу нив се и поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.
Пред два дена на прес-конференција рече дека има 17 советници. Од нив, како што посочи, тројца или четворица се со полно работно време во Владата и земаат месечен хонорар во висина од 90 илјади денари. Останатите, имаат месечни примања од 60 илјади денари, додаде премиерот.