Мониторингот на Платформата на граѓански организации за борба против корупција покажал дека Владата во декември го прекршила сопствениот Деловник бидејќи, како што се наведува, од усвоени 120 закони, 94 не биле ставени на консултации
Во последниот месец од мандатот, политичката влада на СДСМ и ДУИ го прекршила Деловникот за работа, така што повеќето закони што поминале на владина седница не ги објавила на Единствениот национален регистар на прописи.
Мониторингот на Платформата на граѓански организации за борба против корупција покажал дека Владата во декември го прекршила сопствениот Деловник бидејќи, како што се наведува, од усвоени 120 закони, 94 не биле ставени на консултација на ЕНЕР. Ова е утврдено со следење на отвореноста на процесите на подготовка на закони преку редовно објавување на ЕНЕР.
Законите за заштита од пушење, за стокови резерви, за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, за работни односи, за стратегиски инвестиции… се само дел од регулативите за кои не е испочитуван процесот на консултации, односно тие не го поминале филтерот на ЕНЕР. Притоа е утврдено дека постојат и измени и дополнувања што не се само во форма на законско усогласување туку имаат и пошироко влијание.
„Ако се погледнат предлог-текстовите на овие 94 закони и објаснувањата од подносителот, ќе се види дека во најголемиот број се врши усогласување со Законот за прекршоци, но воедно сите глоби драстично се намалуваат од оние што се моментално утврдени. Напоменуваме дека подносителот има обврска да го почитува Деловникот без разлика на содржината на измените, освен со исклучок кога се вршат интервенции од нормативно-правен карактер и тоа: номотехнички интервенции, терминолошко усогласување со други закони и јазично или редакциско уредување на текстот на законот“,
велат од Платформата на граѓански организации за борба против корупција
Од Платформата објаснуваат дека согласно со Деловникот на Владата, надлежните министерства имаат обврска да ги објават на својата интернет-страница и на ЕНЕР сите предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на закони што ги подготвува Владата. Овие предлози треба да бидат достапни за коментари од јавноста најмалку 20 дена од денот на објавувањето на ЕНЕР.
„Со ваквата пракса на масовно донесување закони по скратена постапка кои воедно не се објавени на ЕНЕР, јавноста и сите засегнати страни не се во можност навремено да се информираат, да дадат свој придонес и да се вклучат во подготовка на закони што ќе ги одразуваат потребите на граѓаните. Напоменуваме дека оваа состојба беше констатирана и пред парламентарните избори во 2016 година што, пак, создава една негативна предизборна пракса“,
велат од Платформата.
Од Платформата апелираат до Владата и надлежните органи на државната управа да ги почитуваат пропишаните одредби од Деловникот за работа на Владата и да не ја избегнуваат обврската за достапност за консултации на сите предлог-закони, вклучително и оние што се донесуваат по скратена постапка, посебно имајќи ги предвид транспарентноста и отчетноста за која се залагаат.