Името на предлогот го носи името Закон за висока раководна служба и денеска беше презентиран пред јавноста
Директорите, на пример, ќе се бираат на оглас, па ќе следат тестирања, бодување и рангирање за да се избере оној со најмногу поени. Барем така предвидува предлог-законот
И оние во земјава кои велат дека „не ги интересира политика“ знаат дека не се станува директор или државен секретар само затоа што те бива, туку пред се затоа што си „нечиј“. Навистина, не е никаква тајна дека освен поделбата на министерските места, кога се прави влада, партиите преговараат и кој ќе ги „земе“ кои директорски места. Така е и кога се договара мнозинството по општините.
Е, доста беше, вели сега министерот за информатичко општество Азир Алиу. Додуша не е тој првиот што го кажува ова. Муабетот е стар 15-20 години. Разликата е што сега има ново, готово, нацрт-решение. И тоа решение е ставено на јавен увид и коментари.

„Професионализацијата би значела дека ќе ги имаме најдобрите високо раководители кои можат да имплементираат поуспешни, поефикасни политики за граѓаните“,
кажа министерот за информатичко општество Азир Алиу на денешната јавна презентација на Законот за висока раководна служба.
За момент, да расчистиме со неколку термини. Под терминот „висок раководител“ се подразбираат неколку категории на функционири кои досега, вообичано, беа едноставно именувани на позициите:
- Државни секретари;
- Директори во органите во состав на министерствата и во самостојните органи на државната управа;
- Генерален директор на агенција;
- Главен инспектор во инспекторат.
Целта е овие луѓе отсега да се бираат по професионални заслуги (мерит систем), а не по партиски заслуги (споил систем).
Но како?
Според тоа што го кажаа државните претставници на презентацијата, секој кандидат за висок раководител ќе мора да ги исполнува следниве услови:
- да биде државјанин на земјата;
- да има високо образование;
- да има 10 години работно искуство;
- да има сертификат за познавање јазик (еден од три најупотребувани во ЕУ);
- да има сертификат за познавање работа со компјутер;
- да не бил пратеник, член на влада или градоначалник во последните четири години;
- да нема активна забрана за вршење на дејност, професија итн.
Одговорот на прашањето, кој ќе го врши изборот на овие високо раководни службеници, е – Комисија за висока раководна служба. А кој ќе ја формира таа Комисија? Одговорот е – Одбор за селекција на членовите на Комисијата за висока раководна служба. А кој ќе го формира, тогаш Одборот. Одговорот е – Владата.

Пред да заклучите дека, врти-сучи пак владата ќе си бира по партиски клуч, треба да се знае уште едно нешто. Составот на Одборот за селекција ќе биде „шарен“. Ќе има претставници од Генералниот секретаријат, од Министерството за информатичко општество и од Министерството за политички систем, но и од стопанските комори, од универзитетската конференција и од Државната комисија за спречување на комисијата.
Секако, наивно е да се верува дека преку ноќ ќе запре политичкото мешање во изборот на споменатите кадри, но ќе стане многу потешко.
Како ќе работи Комисијата?
Комисијата за висока раководна служба ќе брои пет члена. Ќе имаат мандат од пет години и ќе ја извршуваат функцијата професионално (полно работно време и плата). Кога, на пример, во некое министерство ќе се упразни директорско место, министерот испраќа барање до Комисијата да му извршат избор на директор. Идеално, тоа ќе треба да се прави шест месеци пред истекот на мандатот на постојниот висок службеник.
Комисијата, на барање на министерот, ќе распише конкурс. Пријавените кандидати ќе поминуваат:
- Административна проверка (образование, искуство, квалификации, итн.);
- Тестирања и
- Структурирано интервју.
Сегашното објаснување е дека до тестирање ќе стигнат само оние со повеќе поени од административната проверка, а не сите кои ќе ги исполнат условите. А во оценувањето, покрај членови на комисијата, ќе учествуваат и член од Регистар на практичари (поранешни директори), член-експерт за човечки ресурси од една од најдобрите 100 компании во земјата со над 500 вработени и еден член од органот за каде се бира раководителот.
Процесот претпоставува дека ќе биде избран најдобриот кандидат, освен ако повторно се случува бодовите од интервјуто да се доделуваат субјективно и да бидат пресудни, како што е чест случај во моментов.
Избраниот кандидат потоа се праќа на ракодното место со објавата во Службен весник. Но, не станува директор до крајот на работниот век. Има мандат од 5 + 2 години. И потоа мора да си замине.
Дали е дојдено времето?
Ако се донесе законот, тој нема да почне да важи веднаш и за сите делови од администрацијата. Ќе се воведува постепено, бидејќи станува збор за крупна реформа, која ќе оди во пакет со новиот Закон за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Залакот е уште поголем ако се знае дека подолго време се подготвува крупно прекројување на државните институции, што ќе доведе до намалување на нивниот број.
Генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, говорејќи кон министерот Алиу, кажа дека мисли дека е дојдено времето кога сето ова и навистина ќе се случи.

„Оваа идеја и не е толку нова. Вие спомнавте во вашиот говор дека од 2018-та министерството активно работи на ова прашање, но всушност идејата е многу постара. Дури и јас имав заборавено дека за прв пат почнавме да разговараме во 2005 година за висока раководна служба со нашите пријатели од СИГМА. Но, за нешто да се реализира, се потребни сите елементи да се поклопат… Веројатно сега е се дојдено на свое место, па можеме да го финализираме конечно ова што треба да го направиме“,
изјави Методија Димовски, генерален секретар на Владата.
Го споменуваме на крај, но е еднакво важно. Овој нов метод на избор воведува и нов метод на одговорност. Раководниот службеник може да биде разрешен, ако не ги исполнил целите од програмата, односно – ако не работи добро.
Сепак, сега следи долг процес на јавна консултација. Мислењето ќе треба да го кажат стручната јавност, невладиниот сектор, ЕУ, а потоа секако и другите политички фактори надвор од владата.
генерален сектар на владата