По многуте реакции во изминатите два дена, сега на фирмите што ќе аплицираат за владината мерка им е оневозможено да го намалуваат бројот на вработени. Затоа, пак, се овозможени ретроактивни вработувања на оние кои биле отпуштени од почетокот на кризата
Работодавачите кои ќе користат финансиска поддршка за исплата на плати до 14.500 денари не смеат да го намалат бројот на вработени во април, како и два месеца по завршување на мерката, односно заклучно со јули. Ова е измената на Уредбата за финансиска поддршка за приватниот сектор за исплата на плати, што владата ја усвои денеска, на продолжение на 48 седница.
За само два-три дена Владата два пати ја менува Уредбата, чија првична верзија претходно претрпе уште една промена. Овој пат, измените се преземаа по многу реакции, главно, на синдикаллните здруженија, поради оставената можност за отпуштање на работници соодветно на големината на компанијата која ќе побара помош од државата.
Паралелно, Владата донесе и дополнување на Уредбата за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, со што се овозможува ретроактивно вработување на лицата на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април и соодветно нивно пријавување во системот на задолжително социјално соигирување.
Работодавачите кои ќе се согласат на ретроактивно вработување на лицата на кои им престанал работниот однос, тоа ќе можат да го направат до 7 мај и на тој начин да ги исполнат критериумите за да се стекнат со правото на користење на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за април и мај.
„Со промените се потврдува, гарантира и засилува владината политика за спас на работни места во услови на криза предизвикана од коронавирус, се обезбедува заштита на работничките права, достоинствен приход и се оневозможува неправедно прекинување на работниот однос на работниците“,
велат од Владата.
Оттаму појаснуваат дека работодавачот не смее да го намали бројот на вработени освен во случај на:
– пензионирање и смрт на работник
– откажување на договорот за вработување од страна на работникот
– откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски
– спогодбено преземање на работник
– престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда
– престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.
Уредбата определува дека вкупниот број вработени на кои исклучиво по овие основи би им бил прекинат или завршен работниот однос, заклучно со месец јули 2020 годин,а не смее да биде повеќе од 15 проценти кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка, 10 проценти кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени и 5 проценти за фирми со над 250 вработени.