Најави дека во текот на утрешниот ден ќе биде побарано од сите пратеничките групи да дојдат во Работничкиот дом и да разговараат со претставниците на ССМ за идниот раст на платите
Владата не е пречка за зголемување на минималната плата, туку вистинскиот проблем доаѓа од страна на другите синдикати, изјави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, по завршувањето на состанокот во зградата на Илинденска.

„Работниците во Македонија немаат толку голем проблем со Владата и со ставовите на Владата колку што имаат проблем со останатите синдикати“,
рече тој.
Посочи дека денеска во Владата ги пренеле барањата на работниците, како растот на минималната плата, растот на сите останати плати, како и почитувањето на општиот колективен договор за јавниот сектор и потребата од зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, колку што порасна просечната плата за минатата година.
„Во наредниот период продолжуваме да разговараме за растот на платите. Од страна на Владата е истакнато дека не се против зголемување на минималната плата“,
посочи Трендафилов.
Според него, разговарано е за зголемување на останатите плати во јавниот сектор, особено за платите за министерствата, за кои ССМ и Синдикатот на УПОЗ веќе преговара директно со Владата, односно за барањата на работниците за додаток на плата од 30 отсто.
Она што Трендафилов го оцени како негативно, е што работодавачите од приватниот сектор откако видеа дека ССМ е нападнат од страна на Владата, се повлекоа од процесот на преговорите за зголемување на платите.
„Во текот на утрешниот ден ќе биде побарано од сите пратеничките групи да дојдат во Работничкиот дом и да се сретнат со ССМ за идниот раст на платите“,
кажа тој.
Најави дека во наредниот период сите вработени или 128 илјади во јавниот сектор треба да добијат зголемување на нивните плати.
„Но, другите два синдикати што учествуваа на состанокот бараат укинување на одредби од Општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот сектор“,
посочи првиот човек на ССМ.
Според него, се очекува преговорите да продолжат, а наредна средба со Владата е можна после Велигденските празници.
„Добро е што повторно сме на маса и може да разговараме. Важно е што Владата денеска не кажа дека нема да зголемува плати, но другите синдикатите го рекоа тоа“,
додаде Трендафилов.
На состанокот од страна на Владата денеска присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот со економија и труд, Бесар Дурмиши. Тоа, за претседателот на ССМ е позитивен сигнал, оти не разговараат со советници, туку со клучни носители на одлуки.
На последниот протестен марш, членовите на највисоките тела во ССМ пред Владата побараа повлекување на одлуката за зголемување на минималната плата за 1 800 денари и намалување на платите на избраните и именуваните лица на ниво на минимална плата.
Доколку не се зголеми минималната плата, раководството на ССМ најавува генерален штрајк, а доколку не се зголемат платите на работниците, најавуваат протест.