Ова е врв на политичко лицемерие, реагираат од СДСМ

На 19 септември Македонски желеници – Инфраструктура склучиле договор за надзор со „ИРД инженеринг” вреден 55 илјади евра. Договорот е објавен на Електронскиот систем на јавни набавки. Се однесува на надзор на изведба на градежни работи за санација на делници од пругата.
оД СДСМ прашуваат зошто ВМРО-ДПМНЕ на власт склучува договор со фирма за која, додека беа во опозиција, велеа дека е сомнителна.
„Кога беа опозиција, Мицкоски, Николоски, Стојановски, цело ВМРО-ДПМНЕ држеше секојдневни прес-конференции со обинувања за ‘ИРД инженеринг’, фирмата надзор за автопатите од страна на ‘Бехтел и Енка’. Лично Мицкоски зборуваше за ‘нов голем епски криминал’ и бараше кривична одговорност. Најавуваа раскинување на договорот, репреговарање, што ли уште не.. Денеска гледаме дека се ова било лага до лага. Наместо истрага – договор. Наместо одговорност – соработка. Ова е врв на политичко лицемерие, театар за јавноста во режија на Мицкоски и ДПМНЕ. Бараме Мицкоски јавно да излезе и да им се извини на граѓаните за сите негови лажни изјави. Николоски да одговори зошто е склучен договор со ‘ИРД инженеринг’“,
кажа на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„ИРД инженеринг“ и надзорот на „Бехтел и Енка“
Без огради и резерви, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во изминатиот период ја обвинуваше компанијата „ИРД инженеринг“ дека е „лош надзор“ над изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д од страна на „Бехтел и Енка“.
Минатата влада, пак, ја претстави „ИРД инженеринг“ како италијанска фирма со огромно искуство во надзорот на големи проекти. „ИРД инженеринг“ беа избрани на јавен повик за избор на надзор над изградбата на автопатските делници од проектот со „Бехтел и Енка“. Успеаја да победат во конзорциум со неколку домашни фирми откако првиот тендер за истата работа пропадна бидејќи се покажа дека првично избраната фирма има сомнителни капитални врски со Русија.
Во однос на надзорот на „Бехтел и Енка“, серија истражувања на „360 степени“ покажаа дека една компанија, поточно компании на татко и син, ги поврзува и избраниот конзорциум во пропаднатиот тендер и избраниот конзорциум на „ИРД инженеринг“ во успешниот тендер.
Потоа, испадна дека таа фирма до скоро шиела долна облека, а извадила лиценца за надзор откако била отворена тендерската постапка. Истата фирма навела дека има вработено десетици инженери, но тие всушност биле „позајмени“ на плус од 40-те часови што ги работеле во други фирми. А според јавно достапните документи, токму таа фирма, „Електра солушнс“, треба да заврши најголем дел од работите на надзорот.
Всушност, она што беше најавувано како „странски“ надзор од Европа, се испостави дека е работа која ќе ја вршат 81 експерт од кои само пет се странци и тоа од балкански земји. Поединечните трошоци за некои од тие експерти одеа и до сума од 300 000 евра, според јавно достапните документи од договорот.
Во интервју за неделникот „Фокус“, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски лани кажа дека мора да се истражи како конзорциумот на „ИРД инженеринг“, во кој е и „Електра солушнс“, го доби тендерот за надзор, кој патем чини 22,3 милиони евра без ДДВ, во конкуренција на фирми за надзор од САД и од Франција.