Според агенцијата, економистите и политичките аналитичари се согласни дека било најпосакувано сценарио и за ЕУ и за меѓународните пазари ако опозицијата добие двотретинско мнозиство

Големата победа на Петер Маѓар и на неговата централно-десничарска партија Тиса на изорите во Украина значи дека новата влада ќе има чист мандат и одврзани раце да спроведе реформи, да го зајакне владеењето на правото и со тоа да одмрзне милијарди евра од Европската унија наменети за земјата, пишува Ројтерс.
Според агенцијата, економистите и политичките аналитичари се согласни дека било најпосакувано сценарио и за ЕУ и за меѓународните пазари ако опозицијата добие двотретинско мнозиство.
Сè уште има несигурност, и се смета дека владата прво треба да ги исполни своите ветувања пред да ги собере придобивките, но пазарите засега и даваат шанса на новата влада во Будимпешта.
„Резултатот значи голема промена и ќе му даде можност на Маѓар да владее со одврзани раце. Најважно е што тој ќе може да ја одмота автократијата на Орбан и да ги донесе реформите што ги бара ЕУ. Тоа значи дека најмалку 6,4 милијарди евра од фондот за обнова ќе дојдат брзо, ќе се внесат во реалната економија и дополнително ќе ја зацврстат победата на Тиса“,
вели Муџтаба Рахман, директор во консултантската компанија „Еуразија груп“.
Унгарските избори беа сметани за најважни за пазарите во Европа оваа година, со оглед дека евроскептичниот Орбан често се судираше со Брисел за време на 16-годишното владеење, на разни теми, од имиграцијата до блискоста со Русија, пишува Ројтерс.
И покрај заостанувањето во анкетите, Орбан покажуваше високо ниво на самодоверба за време на кампањата, велејќи дека неговата цел е да ги заштити унгарските национални интереси и традиционалните христијански вредности во ЕУ, отфрлајќи дека сторил нешто погрешно.
Но, пазарите со недели сигнализираа дека инвеститорите очекуваат промена. Цените на акциите на компаниите блиски до Орбан нагло паднаа.
Маѓар, обраќајќи им се на поддржувачите што извикуваа „Европа, Европа“, откако Орбан го призна поразот, најави дека ќе ја направи Унгарија силен сојузник на ЕУ и на НАТО и ќе ги обнови врските со овие институции.
„Со двотретинско мнозинство што ни овозможува да го смениме уставот, ќе го вратиме системот на контрола и рамнотежа. Ќе се придружиме на Европското јавно обвинителство и ќе го гарантираме демократското функционирање на нашата земја. Никогаш нема да дозволиме некој повторно да ја зароби или да ја напушти слободна Унгарија“,
рече Маѓар.
Еден од начините со кои Маѓар планира да го поттикне растот на економијата во Унгарија, која речиси стагнираше во изминативе три години, е да ги одмрзне фондовите на ЕУ, кои беа замрзнати поради тоа што демократските стандарди еродираа под Орбан.
„Уставното мнозинство е сосема различна работа. Тоа му дава на Маѓар можност да го смени уставот и да ги исчисти заробените институции од лојалистите на партијата Фидес, да пристапи до европските фондови, дури и да го воведе еврото, што беше клучно ветување во кампањата“,
вели Јан Бремер од ГЗЕРО Медиа.
По победата, Маѓар ги повика главниот обвинител на Унгарија, претседателот на највисокиот суд, шефот на медиумската агенција и други високи функционери да си дадат оставки, велејќи дека јавните институции на државата биле заробени од лојалисти на Орбан во изминатите 16 години.
Маѓар вети силна борба против коруцпцијата за да се исполнат условите на ЕУ, вклучувајќи и поголема независност на судството и на јавните набавки, за да се ослободат фондовите.
Сепак, рејтинг-агенциите како СП Глобал и Фич Рејтингс, како и некои дипломати на ЕУ, се скептични дека во скоро време ќе се ослободат средствата за пост-пандемиска обнова, што беа замрзнати за Унгарија.
Дипломатите, како што пишува Ројтерс, предупредуваат дека се несоодветни споредбите со Полска, кога по изборите во 2023 година проевропскиот премиер Доналд Туск за кратко време осигура ослободување на парите за својата земја, со ветување дека ќе ги поништи политиките на своите националистички претходници.
„Нема волја да се дадат парите само со ветување, како што ЕУ му ги даде на Туск во Полска, кој не беше во можност да исполни голем дел од ветувањата. Тиса ќе мора да покаже дека може да ги исполни своите. Но, ако нешто е законски невозможно да се исполни, ЕУ ќе најде начин“,
изјавил европски дипломат за Ројтерс.
Економските аналитичари за агенцијата изјавиле дека ако се ослободат европските при, Унгарија може да го намали буџетскиот дефицит на 3,5 до 4 отсто од БДП до крајот на деценијата, и да го стабилизира јавниот долг, кој е највисок во ЕУ надвор од еврозоната.
„Се на се, резултатот од изборите означува голема пресвртна точка за унгарската економија. Колку ќе се задржат позитивните реакции на пазарите ќе зависи од тоа колку брзо Тиса ќе успее да ги обнови односите со ЕУ, да ги осигура европските фондови и да покаже дека може да одржи фискална стабилност на среден рок“,
вели аналитичарот Лијам Пич од компанијата„ Капитал економикс“.
