Владата, смета дека се во согласност со Уставот уредбите што предвидуваат решавање на статусот на вработените во СЈО и стопирање на дејствијата за спроведување на предвремените парламентарни избори, за кои се поведени иницијативи за оценка пред Уставниот суд.
Поради тоа, на денешната владина седница се утврдени мислења за овие две уредби, како препорака до Уставниот суд да ги отфрли во целост иницијативите со кои се бара оценка на нивната уставност. Владата, исто така, смета дека Уставниот суд треба да ја укине времената мерка со која се стопира спроведувањето на уредбата за СЈО, за која имаше многу реакции, посебно од опозицијата.
„На барање на Уставниот суд, Владата денеска утврди мислење да му предложи на Уставниот суд во најкраток можен рок да ја укине изречената времена мерка, а поднесената иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за јавнообвинителските службеници, истражителите и другите вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите и за финансирање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите во целост да ја отфрли како неоснована“,
се наведува во соопштението од Владата.
Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, во денешното интервју за МИА изјави дека до Судот се поднесени иницијативи за оценка на речиси сите уредби што ги донесе владата во периодот по прогласувањето на вонредната состојба. Оспорена е и Уредбата за одложување на изборите додека не заврши вонредната состојба, која беше донесена откако партиите се согласија дека поради корона-кризата не може да се реализира кампања и да се гласа на 12 април.
„На оваа седница Владата оформи мислење и за иницијативата доставена до Уставниот суд за оценување на уставноста на Уредбата за прашања поврзани со изборниот процес, во кое се истакнува дека одредбите од Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес се целосно во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, и заради што на Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесената иницијатива во целост да ја отфрли како неоснована“,
соопшти владината прес-служба.
Иницијативите за оценка на уредбите за СЈО и за изборите не се на дневен ред на утрешната седница на Уставниот суд, по чие завршување колегиумот на Судот ќе расправа дали ќе поведе постапка за укинување на Одлуката за распуштање на парламентот. Аргументацијата на судијата Осман Кадриу е дека Одлуката на пратениците за само распуштање е легитимна, ама дека станала беспредметно откако не се одржаа избори на 12 април.