Од ВМРО-ДПМНЕ, преку координаторот на нивната досегашна пратеничка група, Никола Мицевски, доставиле до Уставниот суд иницијатива за поништување на уредбата со законска сила за исплата на пари за поранешните вработени во Специјалното јавно обвинителство.
Како што информираше Антонијо Милошоски, тие очекуваат Уставниот суд да се произнесе во најкус можен рок.
„Уредбата за исплата на пари на поранешни вработени, службеници, истражители во СЈО нема никаква допирна точка со основата за прогласување на вонредна состојба во Република Македонија, а тоа е борба со пандемијата и вирусот ковид-19 и неговите здравствени и економски последици. Затоа сметаме дека оваа уредба е незаконита, противуставна и е спротивна на уредбите кој што Република Македонија ги ратификувала како членка на Советот на Европа“,
вели Милошоски.
Тој смета дека со оваа уредба се прекршени неколку членови на Уставот и доколку остане во сила ќе предизвика правна несигурност.
„Уставниот суд да донесе одлука со која ќе ја поништи Уредбата со законска сила, а се однесува на јавно-обвинителските службеници, истражители и другите вработени во СЈО и за финансирањето на нивните незаслужени високи плати, хонорари и други трошоци. Она што недостига и ја прави уредбата уште посомнителна е тоа што во предлогот на самата уредба, предлагачот, министерството за правда не сакал да ги открие финансиските импликации кои што ќе ги има оваа уредба, но тоа лесно може да се провери иако Владата сакала да сокрие“,
вели Милошоски.