На листата од тројца кандидати беа обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски. Комисијата која ги избра беше составена од девет члена, меѓу кои и тогашниот претседател на Врховниот суд, уставен судија, обвинител, претставници на министерствата за надворешни работи и надворешна трговија и за правда
„Предложените кандидати… не ги исполнуваа предвидените услови“, одговориле за „Слободен печат“ од Владата. Веќе е распишан оглас за нова комисија за избор на кандидати
Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати за судии од Стразбур, која пред повеќе од два месеца ја изготви комисија формирана токму од Владата. Како што пренесува „Слободен печат“, веќе е донесена и одлука да се формира нова комисија.

Причината поради кој Владата одлучила да ја отфрли листата изработена од досегашната комисија е, како што велат од „Илинденска“ 2:
„Владата изврши избор на нова комисија е поради тоа што претходните предложени кандидати за судија во ЕСЧП не ги исполнуваа предвидените услови.“
пренесува „Слободен печат“.
Постапка
Секоја земја членка на Советот на Европа има резервирано судиско столче во Судот за човекови права во Стразбур. Постапката, како се избира тој судија, низ годините еволуира. Во моментов, со цел да се спречи политичкото влијание, државата предлагач прво спроведува внатрешна процедура по која предлага тројца кандидати. Квалитетот на тие тројца кандидати и начинот на кој се избрани ги разгледува панел во Советот на Европа, кој може да постави дополнителни прашања, да ја врати листата назад ако предлозите не се добри или, пак, да проследи дел или сите кандидати за избор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Македонската влада ја почна постапката за избор на кандидати за судија во Стразбур во првото тримесечје од годинава бидејќи во февруари 2026 година истекува мандатот на актуелниот македонски судија во Стразбур. Последна, деветта година, служи Јован Илиевски, поранешен шеф на ОЈО за ГОКК, универзитетски професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и баџанак на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Но, да се вратиме на (прет)последната комисија. Неа Владата ја формира на 25 март 2025. Комисијата потоа распиша оглас за кандидати за судија во Стразбур на кој се пријавија 21 кандидат. На почетокот на мај веќе беа избрани тројцата најдобри – обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
Комисијата потоа ја испрати листата на мислење до Владата, а не до панелот во Советот на Европа, како што беше предвидено со одлуката за формирање на комисијата. Од „Илинденска“ 2 чекаа два и пол месеци за да одлучат меѓу двата избора – да ја прифатат листата и да ја испратат на мислење во Стразбур или да не ја прифатат листата. Изборот да се поништи значи и дека Владата не се согласува со комисијата која ги избра кандидатите, но пред сè – дека ги смета за несоодветни предложените кандидати. Засега нема објаснување, кој кандидат и поради што не ги исполнува условите.
Нова комисија
На 25 јули, односно пред четири дена, во „Службен весник“ е објавена Одлуката за основање нова комисија за избор на кандидати за судија во Стразбур. Од девет, таа сега е скратена на пет члена. Тие се:
- Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд;
- Африм Фидани, претседател на Врховниот суд;
- Даниела Димовска, в.д. претседателка на Основниот кривичен суд Скопје
- Бесник Авдија, претседател на Основниот граѓански суд Скопје и
- Ирина Трајкоска-Стрезоски, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители.
Единственото име што го има и во старата и во новата комисија е Ирина Трајкоска-Стрезоски.
А, не е сменета и постапката, дека комисијата е таа која ќе ги прати избраните кандидати до панелот на Советот на Европа, а дури потоа тие ќе одат на усвојување пред Владата.
Односно, според Одлуката за основање на комисијата, таа
- распишува јавен оглас за избор на кандидати за судија на Република Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права;
- спроведува постапка за избор на кандидати за судија на Република Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права;
- доставува предлог за избор на тројца кандидати до Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа со цел обезбедување на мислење од аспект на тоа дали кандидатите ги исполнуваат критериумите пропишани од Совет на Европа;
- доставува предлог за избор на тројца кандидати за судија на Република Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права до Владата на Република Северна Македонија на усвојување, по добиено мислење од страна на Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа и
- доставува предлог листа од тројца кандидати усвоена од Владата на Република Северна Македонија до Парламентарното Собрание на Совет на Европа, преку Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.