Владиниот заклучок се однесува на работата на погребните претпријатија и е по препорака на Комисијата за заразни болести
Владата на вчерашната седница донесе заклучок во врска со тоа како ќе се погребуваат лицата починати како последица од ковид.
Како што се наведува во одлуката, Владата го прифатила заклучокот на Комисијата за заразни болести, според кој погребните претпријатија да се придржуваат до Протоколот за овие случаи, во кој не е задолжително тие да се погребуваат во затворен и залемен метален сандак.
Уште се додава дека ниту во Правилникот за условите и начинот за закопување, ископување и пренос на умрено лице нема ваква обврска.
Ваквата одлука на Владата, како што рече денеска портпаролот Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање, не е донесена поради забележани злоупотреби, туку по препорака на Комисијата за заразни болести, но најави дополнителни информации за евентуални такви случаи.
Од почетокот на пандемијата на социјалните мрежи, но и во медиумите се појавија сведочења на луѓе кои реагираа на преголемите трошоци за погребување на починатите со ковид, токму поради ваквите посебни услови на третман на починатиот. Други, пак, кои од верски или традиционални причини не сакаа на ваков начин да ги погребуваат своите најблиски, насила ги одземаа телата од болниците и ги погребуваа без почитување на какви било мерки.
Во вчерашната одлука е опфатена и ексхумацијата на починатите од ковид, која согласно протоколот и правилникот е дозволена, но не порано од една година.