Првиот вицепремиер Артан Груби, во улога на координатор, ќе ја следи и реализацијата на патните правци Скопје – Блаце, Кичево – Букојчани, железницата Кичево – Лин и заедничките гранични контроли со Албанија и Косово
Првиот вицепремиер Артан Груби е назначен за координатор кој ќе ги следи и ќе координира со сите активности во врска со реализацијата на коридорот 8, одлучи Владата на денешната седница.

Освен што ќе ги координира работните активности на коридорот 8, Груби, во улога на координатор, ќе ја следи и реализацијата на патните правци Скопје – Блаце, Кичево – Букојчани, железницата Кичево – Лин и заедничките гранични контроли со Албанија и Косово.
„Владата на Република Северна Македонија го назначи д-р Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата, за координатор за следење на работите и за координација на сите активности, со цел нивна навремена реализација“,
се наведува во владиното соопштение.
Вчера, со свечена церемонија на автоапатот Тетово – Гостивар, беше означен стартот на проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Овој проект за владините претставници е историски бидејќи тежи 1,3 милијарда евра, а делниците од двата коридори треба да бидат завршени до 2027 година.
Во рамки на коридорот 8 предвидена е изградба на неколку автопатски делници и тоа: Тетово – Гостивар – над 17 км (33 месеци рок на реализација); Гостивар – Букојчани – 30,3 км (57 месеци рок на реализација); Требениште – Струга – Ќафасан – 22 км (49 месеци рок на реализација). Во рамки на коридорот 10-д е изградба на делницата Прилеп – Битола – 40 км (57 месеци рок на реализација).
Меѓу говорниците на вчерашната церемонија беше и првиот вицепремиер Артан Груби кој порача дека е многу горд што конзорциумот предводен од „Бехтел и Енка“ ќе ги гради коридорите 8 и 10-д и што со нив, како што рече, се одбележува еден голем настан во градежништвото во земјава.
Досегашната постапка на проектот ја следат бројни контроверзии, особено околу изборот на надзорот, за што „360 степени“ и други медиуми интензивно известуваат во изминатиот период.