Поранешниот премиер и лидер на СДСМ сега е професор на државен универзитет во Бугарија
Поранешниот премиер Владо Бучковски ќе биде специјален претставник на македонската Влада за Бугарија.
Владата предмалку го именува Бучковски на оваа позиција.
Поранешниот премиер и министер за одбрана, како и некогашен лидер на СДСМ, во последно време е мошне често присутен и на медиумите во Бугарија, каде што ги пренесува своите ставови во однос на надминувањето на недоразбирањата со Северна Македонија.
Бучковски, универзитетски професор по Римско право, сега е ангажиран на докторските студии на бугарскиот државен универзитет „Уни БИТ“, а исто така е дел од мрежата „Jus Romanum“ на Софискиот универзитет .
По неодамнешното интервју на премиерот Зоран Заев за БГНЕС, кое предизвика лавина реакции во јавноста, Бучковски му даде отворена поддршка на својот некогашен сопартиец и соработник посочувајќи дека тој „од петни жили“ се бори за евроинтеграцијата на С Македонија.
За разлика од Бучковски, поранешниот претседател на државата и долгогодишен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, како и други поранешни функционери на сега владејачката партија, го критикуваа интервјуто на Заев оценувајќи го како скандалозно.