Досега јавно не беше соопштено дека меѓу оние што ќе земат 14 500 денари плата за април и за мај се и судиите и јавните обвинители
Кратењето на платите на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор, како мерка на штедење во актуелната криза, ќе ги опфати и судиите и јавните обвинители. Тоа може да се прочита во Уредбата со законска сила објавена во „Службен весник“ број 97, од 9 април 2020 година, а донесена на седница на Владата на 7 април.
„Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат и на избраните судии кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на судиите и на јавните обвинители кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на јавните обвинители“,
пишува во Член 2 од Уредбата.

Ова значи дека и судиите и јавните обвинители ќе земат плата од 14 500 денари за месеците април и мај. Редовните месечни примања на судиите се движат од 55 000 денари за оние во основните до 85 000 денари за врховните судии.

За другите избрани, именувани и назначени лица во јавниот сектор – пратеници, шефот на државата, министри, градоначалници… беше познато дека за тековниот и следниот месец ќе земат минимална плата.