Обновениот предлог на група пратеници од помалите партии е на дневен ред на собраниската седница што почна денеска. И иако тие и овој пат првично добиле поддршка од СДСМ, од Владата стигна негативно мислење за предлогот, со посочување дека веќе има работна група која подготвува нов изборен законик
Негативно мислење од Владата добија предлог-измените на Изборниот законик, со кои група пратеници од помали партии, главно од владејачкото мнозинство, повторно се обидоа да го сменат моделот за избор на пратеници во еден наместо во шест изборни региони во земјава.
Во мислењето на Владата за предложениот закон, потпишано од првиот вицепремиер Артан Груби, се посочува дека во декември минатата година е формирана работна група во Министерството за правда (во која се вклучени и претставници на најголемите политички партии) за изработка на сосема нов изборен законик, со оглед на тоа што од 2006 година досега се направени повеќе од 30 промени што ја прават изборната регулатива неконзистентна, тешко читлива и сложена за имплементација.
Од Владата, исто така, посочуваат дека процесот за нов изборен законик е под мониторинг на ОБСЕ/ОДИХР, ИФЕС, НДИ и ЕУ.
Во мислењето се додава и дека една од клучните препораки на ОБСЕ/ОДИХР е какви било нови изборни правила да се носат најдоцна шест месеци пред изборите на кои се однесуваат, за да им бидат познати на учесниците во изборниот процес, така што овој пат како приоритет се посочуваат правилата за локалните избори што треба да се одржат во втората половина на октомври.
Се наведува и дека процесот на донесување нов изборен законик предвидува консензус меѓу сите политички чинители, така што во рамки на процесот се предвидени и консултации со помалите партии. Поради сето тоа, како што се посочува, Владата не дава позитивно мислење за предложените законски измени поднесени од група пратеници и му предлага на Собранието да не ги донесе.

Овој предлог за измена на Изборниот законик е на дневен ред на седницата на Собранието што почна денеска. Пратениците од Демократски сојуз, Левица, ВМРО-НП, ЛДП, ДОМ… кои го поднесоа предлогот првично, соопштија дека и овој пат имаат поддршка за предлогот од СДСМ.
Ваков предлог имаше и во претходниот собраниски состав, но на крајот на неговиот мандат, така што иницијативата остана на хартија, односно владејачката ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ тогаш го блокираат донесувањето на предлог-измените на Изборниот законик со близу 6 000 амандмани.