Владата донесе одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свежи домати, краставици и пиперки која ќе важи од 1 декември годинава, до крајот на февруари догодина. Исто така, има одлука и за намалување на давачките за увоз на јужно овошје, а зголемена е и квотата за негов увоз
Од 1 декември годинава до крајот на февруари догодина доматите, краставиците и слатките и лути пиперки ќе се увезуваат со намалени увозните давачки и посебните давачки. Ова е одлука која Владата ја донесе на денешната седница.
Исто така, има одлука и кромид, моркови, репка, модар патлиџан, тиквички, праз, карфиол и брокула, зеленчук за салата, главичеста салата и друга салата (освен зелена салата) ќе се увезуваат со намалени. Овие зеленчуци, согласно оваа одлука, предвидено е да се увезуваат заклучно со 28 февруари догодина, а одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Владата, на денешната седница, донела одлука и за изменување на одлуката за посебните услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат одделни видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.
„Со измените е овозможено, со посебна одлука, да се пропише највисока трговска (профитна) маржа за овошјето и зеленчукот, којашто се ограничува во вкупен износ до 10 проценти во трговијата на големо и во вкупен износ до 15 проценти во трговијата на мало. А денешната одлука е и во насока на измена на референтната цена на белиот ориз во пакување од 900 грама до еден килограм и свежи јајца од кокошка, при што како референтна цена се утврдува цената на 15 септември 2023 година, наместо 1 август 2023 година. Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а е предвидено да се применува до 30 ноември 2023 година“,
се наведува во соопштението од владината прес-служба.
До 31 декември годинава без царински давачки ќе се увезуваат и агруми, свежи или сушени. Со одлуката на Владата, како што се додава во соопштението, се укинуваат увозните давачки и посебните давачки за лимони, портокали, мандарини, грејпфрут, при што е зголемена квотата на два тона јужно овошје.
„Количината на овие производи е предвидено да се распределува на регистрираните увозници на овошје по принципот ‘прв дојден прв услужен’, а стоките согласно оваа одлука е предвидено да се увезуваат заклучно со 31 декември годинава. Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во ‘Службен весник на Република Северна Македонија’’,
додаваат од Владата.
Владата, на предлог на Министерството за финансии, донела нова одлука за определување на добрата и услугите што подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност.
Со оваа одлука, објаснуваат од Владата, поблиску се определуваат добрата и услугите коишто подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност. Односно, ако претходно за сите производи на листата производи се применуваше иста повластена стапка, сега е предвидена најниска повластена стапка на ДДВ за основните прехранбени производи.
„Повластената стапка на данокот на додадена вредност значи и натаму ќе се применува врз прометот и увозот на повеќе видови месо говедско, свинско, овчо (свежо, разладено, замрзнато); повеќе видови месни производи; риби (живо, свежи, разладени, замрзани); леб, шекер, сол, масло од сончоглед и некои други масла за јадење, млеко и павлака, јогурт, кисело млеко, сирење, урда, путер, маргарин, како и компир и повеќе видови зеленчук (неварен, варен, сушен) и овошје (свежо, неварено, варено, замрзнато), јатчесто овошје. Со одлуката се опфатени и семиња за сеидба и ѓубрива“,
додаваат од Владата.
Со денешната владина одлука, листата на производи што подлежат на повластена стапка на ДДВ е дополнета и со електронски (дигитални) учебници и пелети, а одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.