Законските измени, кои до Собранието ги поднесе Владата, се однесуваат на мерките кои вчера беа донесени на владина седница, а се однесуваат на намалување на повластената стапка на ДДВ од 5 на 0 отсто за основните прехранбени производи, намалувањето на стапката на ДДВ од 18 отсто на 10 отсто при промет на енергенси и за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенси, како и намалување на акцизата согласно берзанските цени
Владата денеска до Собранието ги испрати измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ) и на Законот за акцизи, двете од вкупно 26 мерки кои ги донесе Владата со цел ублажување на кризата која е резултат на пандемијата, но и на воената агресија на Русија врз Украина.
Во дописот од Владата се наведува дека овие измени и дополнувања треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.
Овие закони, како што соопшти Владата се однесуваат на повеќе мерки како што е мерката за намалување на повластената стапка на ДДВ од 5 на 0 отсто за основните прехранбени производи, односно леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца.
Во законските измени опфатени се и мерките за намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 10 отсто при промет на енергенси и за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенси, како и мерката за намалување на акцизата согласно берзанските цени.
Со овие закони ќе се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата, велат од Владата.
Од седницата на Владата, на којашто се утврдени овие измени, е упатен апел до пратениците веднаш да ги усвојат, за да се обезбеди брза имплементација на вчера донесените мерки за заштита на животен стандард и ликвидност на компаниите.
Една од препораките до министерствата и институциите е максимално да се рационализираат трошоците, изјави премиерот Димитар Ковачевски во вчерашното гостување на ТВ 24 и додаде дека уште денеска пред пратениците ќе се најдат измените на законите кои се важни за имплементацијана мерките што Владата ги определи за ублажување на кризата.