Исто така, Владата апелира и до дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите
Во земјава има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви и граѓаните не треба да се грижат, се вели во денешното соопштение од Владата откако изминатите денови граѓаните ги празнеа рафтовите со прехранбени продукти, а вчера долги редици имаше на бензинските пумпи.
Исто така, Владата апелира и до дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, додека на потрошувачите им советува да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават резерви од гориво поради безбедносни причини.
„Дополнително, Владата уште еднаш ги информира граѓаните да бидат смирени државата има доволна количина на житарки во стоковните резерви. Како што информира и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во домашните млинови има резерва од 45 000 тони пченица, количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта. Важно е граѓаните да знаат дека согласно официјалните статистички податоци, имаме зголемување на производството на пченица кое од 195 илјади тони во 2017 година, лани е зголемено на 253 илјади тони. Владата и во следниот период продолжува со ова темпо на инвестиции во земјоделското производство, сè со единствена цел да обезбедиме сигурност во производството на стратешките земјоделски гранки“,
се вели во соопштението.
Во однос на информацијата за набавка на пченица и пченка од Србија, од Владата објаснуваат дека домашното производство на пченица изнесува 253 илјади тони, а годишните потреби за пченица се околу 300 илјади тони, поради што секоја година остатокот на пченица се обезбедува од увоз од Србија.
„Вкупниот увоз на пченица во 2017 година изнесувал 87 илјади тони, додека во 2021 година е намален и изнесува 74 илјади тони. Увозот на брашно во 2017 година изнесува 53 илјади тони, додека во 2021 година изнесува 41 илјади тони. Увозот на јачмен во 2017 година изнесува 15 илјади тони, а во 2021 година само 950 тони. Ова значи веќе целосно задоволување на домашните потреби од производство на јачмен“,
велат од Владата.