Најавата на компаниите дека би отпуштиле 30 до 50 отсто од вработените доколку Владата не им помогне да се справат со кризата, ССМ ја нарече јавна закана, а таа, како што велат, ќе донесе социјален немир и ќе ја загрози веќе кревката социјална состојба на работниците и граѓаните во државата
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ја повика Владата да го осуди условувањето на компаниите што вчера најавија дека ако не добијат помош од Владата ќе отпуштат 30 до 50 од вработените поради зголемените трошоците предизвикани од кризата.
ССМ ова го нарече јавна закана, а таа, како што велат, ќе донесе социјален немир и ќе ја загрози веќе кревката социјална состојба на работниците и граѓаните во државата.
„Фирмите треба да бидат одговорни. Владата во време на корона-кризата ги помагаше бизнисите кои со парите на граѓаните се одржаа стабилни на пазарот, а исто така голем дел од нив ја злоупотребија паричната помош и наместо парите кај работниците завршија во нивните џебови, а обвинителството и институциите се уште молчат“,
велат од ССМ.
Од тие причини, Синдикатот ја повика Владата да ги осуди и да најде начин да ги спречи ваквите условувања и да најде начин законски да ги заштити вработените во приватниот сектор, особено сега во ваква економска криза.
„Бизнисот и газдите и во време на економска и енергетска криза направија милионски добивки, додека работниците едвај преживуваат и го чувствуваат на сопствена кожа најголемото зголемување на трошоците за живот“,
наведува ССМ.
Претходно вчера кризниот штаб при Стопанската комора на Северна Македонија предупреди дека ако компаниите не добијат поддршка од Владата за надминување на последиците од енергетската криза, ќе следува намалување на бројот на вработени од 30 до 50 отсто.
Потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиевска-Јовеска нагласи дека состојбата е тешка и дека бизнисот очекува поддршка. Поддршката што ја очекува бизнисот, истакна таа, е врз база на пресметки во компаниите со цел да не дојде до редуцирање на производството и на кадарот.