Потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиевска-Јовеска на денешната прес-конференција нагласи дека состојбата е тешка и оти бизнисот очекува поддршка. Поддршката што ја очекува бизнисот, истакна таа, е врз база на пресметки во компаниите со цел да не дојде до редуцирање на производството и на кадарот
Ако компаниите не добијат поддршка од Владата за надминување на последиците од енергетската криза, ќе следува намалување на бројот на вработени од 30 до 50 отсто, предупредуваат од кризниот штаб при Стопанската комора на Северна Македонија.
Потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиевска-Јовеска на денешната прес-конференција нагласи дека состојбата е тешка и оти бизнисот очекува поддршка. Поддршката што ја очекува бизнисот, истакна таа, е врз база на пресметки во компаниите со цел да не дојде до редуцирање на производството и на кадарот.
„Состојбата е тешка и бараат поддршка и премостување на нивните потешкотии со кои се соочуваат. Од сите контакти со компаниите, се посочува дека не би сакале на почетокот од следната година да прават реструктуирање во нивните капацитети, односно не би сакале редуцирање на она што значи кадар којшто треба да продуцира додадена вредност“,
потенцираше потпретседателката на Стопанската комора.
Георгиевска-Јовеска рече дека мерките треба да следуваат што поскоро бидејќи компаниите ја чекаат поддршката од Владата.
„Да се субвенционира цената на електричната енергија за индустријата по примерот на соседните земји, да се обезбеди правна рамка за фирмите да излезат од постојните договори за снабдување со електрична енергија за компаниите да можат да склучат договори со ЕСМ снабдување, да се максимизира домашното производство на електрична енергија и вишоците да се понудат на индустријата по производна цена и да се намали ДДВ за електрична енергија од 18 на пет отсто“,
рече Георгиевска-Јовеска.
Врз основа на направените компаративни анализи, додава таа, компаниите треба да добијат определена базна цена на која државата би ги покривала трошоците и со тоа би се создале неопходни претпоставки за некаква предвидливост којашто е основа на бизнисот.
„Со анкетирање на над 200 компании, добивме одговор дека голем дел од нив од следната година доколку продолжи кризата и доколку ја немаат поддршката ќе следува намалување на вработените од 30 до 50 проценти, што никој не го сака“,
рече Георгиевска-Јовеска.