Службата за општи и заеднички работи склучила договор со приватната лабораторија Авицена, од каде набавиле 260 ПЦР – тестови од кои еден чини 1 900 денари
ПЦР-тестовите што Службата за општи и заеднички работи ги набаи за вработените во Владата се за неопходни ситуации кога членови на Владата имаат потреба од итно службено патување во странство, соопшти вечерва владината прес-служба, како одговор на написите во некои медиуми дека е склучен договор со приватната лабораторија „Авицена“, од каде набавиле 260 ПЦР – тестови, од кои еден чини 1 900 денари.
„Станува збор за ПЦР – тестови кои се неопходни за итни службени патувања за кои не постојат можности за закажување тест преку матичен лекар. Владата може да набави вакви тестови единствено согласно Законот за јавни набавки, што е и направено на транспарентен начин, запазувајќи ја конкуренцијата на пазарот каде главен критериум е најниската цена. Од четирите компании, одбрана е најевтината понуда од 1 900 денари“,
се вели во соопштението.
Од владината прес-служба истакнуваат дека тендерот бил отворен за сите, и за Институтот за јавно здравје, а се пријавиле само приватни лаборатории.
„Тестовите што ги прави Институтот за јавно здравје се бесплатни за граѓаните, но не и за институциите на државата која ги плаќа по пазарна цена“,
се наведува во владиното соопштение.