Портпаролот Душко Арсовски денеска само ги повтори досега кажаните ставови на Владата во врска со софтверот за сообраќај – за што „360 степени“ имаше серија прилози – дека институциите имаат потреба од ваков софтвер и ќе го користат, но не прецизира за кои институции се работи
Оставката на секретарот за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата, Драги Рашковски, е прифатена, тое е негова лична одлука и има право на тоа, велат од Владата откако Рашковски денеска на Фејсбук објави дека поднел оставка.

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата требаше да го разреши или да чека тој сам да поднесе оставка, рече дека Рашковски преку писмо го информирал премиерот Заев за оставката, а Владата во неколку наврати побарала од институциите да утврдат дали се прекршени некакви процедури, правила и стандарди при набавката на софтверот, за кој „360 степени“ објави серија прилози за поврзаноста на Рашковски.
„Набавката на софтверот е спроведена во целосно транспарентна постапка, во согласност со Законот за јавни набавки, институциите имаат потреба од таков софтвер за сообраќај, по сума која е спуштена низ тендерската постапка, тестиран е, исправен, функционален и нашите институции ќе го користат“,
рече Арсовски, но не прецизира кои институции имаат потреба од ваков софтвер и кои институции ќе го користат.
На прашањето кој ќе го замени Рашковски, владиниот портпарол рече дека засега нема одлука.
Оставката поднесена на 12, а објавена на 14 април
Рашковски поднесе оставка, за што самиот ја информира јавноста со објава на Фејсбук. Овој негов потег доаѓа по случаите што ги отвори „360 степени“ – за набавката на софтвер што не го користи ниедна институција и за тоа дека Рашковски вози џип „волво-XC90“, кој не фигурира во неговиот анкетен лист. Вчера ТВ Алсат објави дека Рашковски во Побожје ќе гради хациенда од 800 квадратни метри.
Тој пред пет месеци беше именуван за секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на владината програма во кабинетот на премиерот – нова функција што беше воведена набрзо по неговото заминување од позицијата генерален секретар на Владата.
По сториите што ги објави „360 степени“ поврзани со софтверот за сообраќајни прекршоци набавен од Рашковски, додека беше генерален секретар на Владата, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција минатиот месец отвори предистрага по допрен глас за овој случај. Во тоа време Рашковски беше на годишен одмор во Мексико.
Минатата недела беа извршени претреси на неколку локации во врска со предистрагата на Обвинителството, а една од нив беше седиштето на фирмата „Инвока гроуп“, од каде што наводно Рашковски го купил софтверот.
„360 степени“ објави за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци што Рашковски го купил од „Инвока гроуп“, наводно за потребите на Министерството за внатрешни работи, иако оттаму тврдат дека ниту знаеле за набавката ниту, пак, планираат да го користат. „360 степени“ откри и дека токму Рашковски е сопственик на патент за сличен систем, а во низата стории на оваа тема објавивме и други спорни околности околу овој случај.
Случајот го испитува и Антикорупциската комисија.