Општините да воведат ПОС терминали за наплаќање на услугите за да се поттикне безготовинското плаќање. Имаат рок од една година за да го направат тоа.
Ова е заклучок што Владата го донесе на денешната седница.
„Владата ја разгледа и усвои Информацијата за поттикнување на безготовинските плаќања кај единиците на локалната самоуправа, и донесе заклучок на сите единици на локалната самоуправа кои досега немаат воведено ПОС терминали за наплата на општинските услуги, да ја воведат оваа опција за плаќање на нивните услуги најдоцна во рок од 1 година од денот на усвојување на оваа информација“,
соопштија од Владата.
На оние кои веќе користат ПОС терминали, пак, им се препорачува да го прошират видот на услуги кои може да се плаќаат со картичка.
Овие предлог мерки на Министерството за финансии и Народната банка, велат од Владата, се со цел да го трасираат патот кон безготовинско плаќање и современо општество, со што се придонесува кон одржување на стабилна економија, финансиска стабилност и здрав, продуктивен, банкарски систем.
„Намалувањето на употребата на готовина се очекува да влијае и кон намалување на неформалната економија и со тоа поврзаната даночна евазија, бидејќи високата распространетост на готови пари во оптек, многу често е индикатор за присуство на нерегистрирани економски трансакции и може да делува поттикнувачки за неформалната или сива економија, што претставува загуба за економијата во целост“,
велат од Владата.