Работодавачите кои се приморани да отпуштат вработени, да го направат тоа како технолошки вишок, а не со спогодбени откази, за граѓаните да имаат право на паричен надомест од државата, апелира заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар.
На денешната видео-сесија „КОВИД-19, прашања и одговори“, тој порача работниците да не прифаќаат никакви уцени и ако некој ги условува со исплата на плата само за да потпишат отказ, да го пријават во Државниот инспекторат за труд.
„Од аспект на заштита на работниците, многу е важно работниците да не потпишуваат спогодбен отказ од работа, нагласи Бајрактар. Ако има спогодбен престанок на работен однос, на лицето не му следува паричен надоместок и со тоа работникот се доведува во состојба ем без плата ем без можност да оствари паричен надоместок преку Агенцијата за вработување“,
порача Бајрактар.
Оние кои останале без работа имаат право на паричен надоместок во висина од 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци, доколку претходно биле во работен однос најмалку 9 месеци непрекинато, или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци. Надоместокот се исплатува согласно годините работен стаж, а граѓаните треба да го поднесат барањето до Центарот за вработување во местото каде живеат.
Бајрактар објаснува дека оние работници што останале без работа а немале стаж од 9 месеци, или биле дел од неформалната економија, за нивните домаќинство е предвидена гарантирана минимална помош. Таа ќе се утврдува врз основа на вкупната просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи, сметано од последниот месец, наместо досегашните три месеци.
Компаниите пак, ги потсети и на владините економски мерки донесени за намалување на економските последици од коронавирусот.
„Во вториот сет мерки, за исплата на вработените во фирмите погодени од кризата предвидена е директната помош од 14 500 денари за месеците април и мај. Како алтернатива на оваа мерка, компаниите можат да изберат да ја користат мерката за покривање на 50 отсто од придонесите на платите на своите вработени“,
изјави Бајрактар.
За лицата што останале без работа и немаат здравствено осигурување Бајрактар потсети дека треба да се јават во Агенцијата за вработување, во центрите каде што живеат и по автоматизам согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, ќе добијат и паричен надмомест и ќе остварат право на здравствена заштита.