Претходно денеска, премиерот Христијан Мицкоски рече дека од април ќе се исплаќа законски предвидениот минималец или 2 200 денари повеќе на сегашната минимална плата
Минималната плата за 2025 година ќе се зголеми за 2 685 денари во бруто-износ, односно за 1 812 денари во нето-износ, соопштија попладнево од Владата.

Оваа сума, велат оттаму, била утврдена со примена на законските критериуми.
„На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за утврдување на минималната плата за 2025 применувајќи ги законски утврдените критериуми, каде минималната плата за 2025 година ќе бележи пораст од 2,685 денари во бруто-износ, односно 1,812 денари во нето-износ. Владата континуирано продолжува да го подобрува животниот стандард на граѓаните преку стабилен раст на економијата“,
се наведува во соопштението на Владата во врска со оваа точка.
Претходно денеска, премиерот Христијан Мицкоски рече дека од април ќе се исплаќа законски предвидениот минималец или 2 200 денари повеќе на сегашната минимална плата.
„Денеска имаме владина седница, разговарав со министерот за економија и труд. Ќе поминеме информација согласно Законот, мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24 400. Така е според Законот. Немам репрезентативен Синдикат во Економско-социјалниот совет, се формираше Комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме“,
рече премиерот.
Мицкоски додаде дека доколку следните месеци дојде до договор меѓу работниците и работодавачите за повисок износ, ќе направат законски измени, како и дополнително нивелирање.
Имено, висината на минималната плата изминатиот период е актуелно прашање што ја заостри реториката меѓу Сојузот на синдикатите на Македонија и неговиот лидер Слободан Трендафилов, и Владата.
Од Сојузот излегоа со предлог-барање, покрај усогласувањето овој месец, минималната плата да се покачи за дополнителни 6 000 денари, износ за кој оттаму побараа Владата да се откаже од придонесите или да ги субвенционира во период од една година.
Дополнително, се отвори прашање за репрезентативност на синдикатите бидејќи, како што обвинија од ССМ, Владата ги повлекла членовите од Комисијата за утврдување на репрезентативност, со цел да имаат изговор да кажат дека платите не треба да се зголемат.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, одговарајќи на новинарско прашање според кој предлог ќе се утврдува висина на минималната плата, со оглед дека нема репрезентативност на Синдикатите, а и нема договор на Економско-социјалниот совет, рече дека до крајот на месецов треба да се направат пресметките и да се утврди висината на минималната плата и во таа насока веќе е формирана Комисија за утврдување на репрезентативноста на синдикатите, која минатата недела е изгласана на седница на Владата.