„Владата останува партнер на работниците и работодавачите и подготвена е на дијалог во секој момент кога тоа ќе биде побарано од страна на страните во процесот“, се вели во соопштението оттаму по денешната средба со синдикатите
Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите за минималната плата, што ќе биде постигнат во рамките на економско-социјалниот дијалог, се вели во соопштението од владината прес-служба по денешната средба на „Илинденска“ број 2 со претставници на синдикатите.

На средбата, освен за минималната плата се разговарало и за колективниот договор и репрезентативноста на синдикатите. На неа, како што се наведува во соопштението, покрај премиерот Христијан Мицкоски присуствувале и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, неговиот заменик Марјан Ристески, како и државниот секретар во Министерството за финансии, Јулијана Петкановска, и советник во кабинетот на претседателот на Владата.
„Ставот на Владата во врска со зголемувањето на минималната плата е јасен и поврзан со закон. Имено, согласно закон Владата е обврзана да го определи нивото на минималната плата најдоцна до 31 март. Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите, во моментот кога тој ќе биде постигнат во рамките на економско-социјалниот дијалог. Владата останува партнер на работниците и работодавачите и подготвена е на дијалог во секој момент кога тоа ќе биде побарано од страна на страните во процесот“,
се вели во соопштението од Владата.
Претставниците на синдикатите кои денеска беа на средбата во Владата, по неа излегоа со спротивставени ставови околу прашањето за минималната плата, по нејзиното еднострано зголемување од страна на Владата за 1 800 денари нето кон крајот на март.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, по средбата изјави дека Владата не е пречка за зголемување на минималната плата, туку вистинскиот проблем доаѓа од страна на другите синдикати.
Посочи дека денеска ги пренеле барањата на работниците, како растот на минималната плата, растот на сите останати плати, и почитувањето на општиот колективен договор за јавниот сектор и потребата од зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, колку што порасна просечната плата за минатата година.
Според него, разговарано било за зголемување на останатите плати во јавниот сектор, особено за платите за министерствата, за кои ССМ и Синдикатот на УПОЗ веќе преговараа директно со Владата, односно за барањата на работниците за додаток на плата од 30 отсто. Она што Трендафилов го оцени како негативно е што работодавачите од приватниот сектор откако видоа дека ССМ е нападнат од страна на Владата, се повлекоа од процесот на преговорите за зголемување на платите.
Наспроти него, претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, оцени дека тоа што го бара ССМ е популизам, истакнувајќи дека со покачувањето на минималната плата на 30 000 денари ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата.

На средбата во Владата било соопштено и дека до средината на мај ќе бидат потпишани колективните договори за додатоци на плата во органите на државната управа, освен во правосудството.
„Владата е подготвена до средината на следниот месец да бидат потпишани колективните договори со кои ќе се овозможи етапна исплата на додаток на плата од 30 проценти за вработените во државната управа, освен правосудството“,
изјави претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деановски.
За потсетување, на последниот протестен марш, членовите на највисоките тела во ССМ пред Владата побараа повлекување на одлуката за зголемување на минималната плата за 1 800 денари и намалување на платите на избраните и именуваните лица на ниво на минимална плата.
Доколку не се зголеми минималната плата, раководството на ССМ најавува генерален штрајк, а доколку не се зголемат платите на работниците, најавуваат протест.