Капацитетите на Градската општа болница „8-ми Септември“ се ставени во функција за потребите во справување со ширењето на инфекцијата на коронавирусот, информираат од владата.
„Болницата, која досега беше наменета за пациенти, коишто беа сомнителни или позитивни на коронавирусот, а им беше потребна друга здравствена услуга како интервенција – хируршка или во ангеографска сала или ендоскопска, врз основа на препораките на Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид-19, во зависност од потребите ќе врши внатрешна прераспределба на материјалните капацитети и персоналот“,
се вели во соопштението.
Преки тријажниот центар ќе се прифаќаат пациенти, а во зависност од потребите болницата ќе врши реорганизација на просторот и кадарот. Засега, третина од капацитетот на болницата е наменет за карантински оддел со соодветни операциони сали и неопходна опрема за хируршки интервенции на пациенти сомнителни на коронавирус.
„Врз основа на воспоставени протоколи при приемот во болницата „8-ми Септември“ на лица кои се во животозагрозувачка состојба, тие ќе се третираат како позитивни на ковид-19, по што веднаш им се прави потребната интервенција и соодветно ќе бидат згрижени. Пациентите, кои не се во животозагрозувачка состојба, а воедно се третираат како сомнителни на ковид-19, ќе бидат изолирани во болницата до добивањето на резултатите на тестот на коронавирусот“,
се вели во владиното соопштение.
Од „8-ми Септември“ наведуваат дека будно ја следат актуелната состојба со ширењето на ковид-19 и подготвени се соодветно да функционираат според потребите на пациентите и дадената ситуација.