Владата го повика министерот Чулев да преземе одговорност за настаните од Струга и за прославата за Денот на полицијата
На денешната владина седница ќе се разгледуваат можните последици од настанот во Струга
Владата го осуди организирањето на настанот во Струга поттикнат за одбележување на верски празник, како и организирањето на прославата за Денот на полицијата во Скопје. Тие бараат и очекуваа од МПЦ и ИВЗ да не преземаат никакви следни чекори по однос на организација на какви било собири од верски карактер.
„Организирањето на овие настани во услови на пандемија значи свесно кршење на забраните за јавни собири, и е резултат на крајно неодговорни одлуки кои се закануваат да ги доведат во ризик и прашање сите ефекти и резултати што беа постигнати во спречувањето на ширењето на коронавирусот. Струга и поширокото подрачје во тој регион беа зони на нагласено присуство на закани од пошироки размери од коронавирусот и беа вложени натчовечки и исклучителни напори и мерки на здравствените работници, на полицијата, на Армијата и на сите останати вклучени во спречувањето на ширењето на вирусот и тоа даде резултати“,
велат од Владата.
По вчерашниот настан, се стравува дека може да дојде до сериозни последици заради неодговорното однесување кое повторно го подигна степенот на ризик по јавното здравје и здравјето на граѓаните во општината и во тој регион.
„Владата го повикува министерот Чулев да престане со чекорите со кои го загрозува јавното здравје и да преземе одговорност. Имавме коректна комуникација и соработка со верските заедници во текот на справувањето со коронавирусот. Очекуваме и бараме, и од МПЦ и од ИВЗ, да не преземаат никакви следни чекори на организација на какви било собири од верски карактер, сè додека забраните и мерките за заштита на здравјето се на сила“,
велат од Владата.
На денешната итна владина седница ќе бидат разгледани можните последици од настанот во Струга и согласно препораките на Комисијата за заразни болести ќе се преземат соодветни мерки за превенција од ризикот по здравјето на граѓаните на општина Струга и на регионот и за можното прелевање на ризиците и во други делови на земјата.
„Ги повикуваме сите граѓани, институции и организации да се придржуваат до мерките за спречување на ширењето на коронавирусот и со воздржување и одговорно однесување да ги поддржиме натчовечките напори на здравствените работници да ја стабилизираат состојбата и да го означат почетокот на новата нормална состојба во земјата“,
апелираат од Владата.