Од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, велат дека мерките биле за сите граѓани кои имаат потреба од помош, но дека е тешко да се пресмета колку од нив биле млади, оти ги има во сите сектори
„360 степени“ вчера објави дека дел од младите, иако им е потребна финансиска помош среде криза, не добиле ништо од антикризните пакети кои ги спроведе Владата
Антикризните економски пакети, кои Владата ги спроведе во текот на корона-кризата, досега тежат над една милијарда евра и во секој од нив може да се опфатени млади, но конкретна анализа колку млади виделе аир и кој е ефектот од паричната помош – нема.
Од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, велат дека мерките биле за сите граѓани кои имаат потреба од помош, но дека е тешко да се пресмета колку од нив биле млади, оти ги има во сите сектори. Одговорот следува по сторијата на „360 степени“, емитувана во вчерашната емисија на ТВ Алсат, во која објавивме дека дел од младите извисиле од државна помош, како и дека нема анализа за ефектите од антикризните мерки.
„Сите мерки кои беа достапни како крајни корисници може да се и младите. Пример, доколку ги исполнувале условите младите од 16 – 29 години имаа можност да добијат картичка ‘Купувам домашно’. Некои од нив добија и ваучери за обуки. Доколку не се во образовен процес и се невработени, тие влегле го категоријата граѓани кои добиле картички ‘Купувам домашно’ како активни или пасивни баратели на работа. Доколку се вработени тие можеби се дел од вработените кои преку нивната компанија добиле поддршка за исплата на плати. (ова се само примери кои не ги опфаќаат сите можни начини за добивање на помош). Мерките беа сеопфатни и ги таргетираа сите кои во оваа криза имаа потреба“,
велат од Кабинетот на Битиќи.
Оттаму велат дека за сите мерки, вклучително и платежната картичка „Купувам домашно“, која ја добија 81 000 млади (не помлади од 16 и не постари од 29 години кои се дел од формалното образование), приговорите се разгледани внимателно.
„За добивање на картичка ‘Купувам домашно’ за сите категории вклучително и младите имаше јасни критериуми. Сите приговори беа разгледани и оние кои ги исполнуваат критериумите беа прифатени“,
велат од Кабинетот на Битиќи.

„360 степени“ вчера објави дека дел од младите, иако им е потребна финансиска помош среде криза, не добиле ништо од антикризните пакети кои ги спроведе Владата. Ниту платежната картичка од 3 000 денари не стигнала до сите млади, иако единствен услов беше да се дел од формалното образование и не постари од 29 години. Освен картичката, на младите им следуваше и поддршка за која требало да аплицираат и да исполнат одредени услови, како ваучери за училишен прибор за средношколци во висина , парична помош за партиципација на факултетите или за домување во студентски домови итн.
„Ниту еден мој поднесен приговор не доби повратно образложение, ниту еден“,
кажа за „360 степени“ студентот Благојче Трошевски, кој смета дека неправедно е исклучен од државна помош.
Од невладината истражувачка организација „Реактор“, посочија дека впечатокот им е е оти и Владата нема сумирани податоци до кого стигнала помошта и кој е ефектот од мерките.
„Не сме сигурни ниту, пак, државата знае колку млади примиле, а со тоа да стигнеме до одговорот колку млади се изоставени од ваквите мерки. Самата држава не ги гледа на тој начин, не ги сегрегира податоците. Државните институции ги интересира дека сте ја добиле помошта, не ги интересира какви се условите, што може да се подобри и слично. Така што е навистина тешко, многу лични приказни произлегуваат од целокупниот пристап на Владата, но генералната слика е дека, за жал, најголем ефект од кризата го почувствуваа младите“,
кажа за „360 степени“, Блажен Малески од НВО „Реактор“.
Малески порача, да се напуштат сеопфатните политики.
„Да се замине од тој пристап на чадор-политики, односно обид сите да се опфатат со одредени мерки, бидејќи можеме да заклучиме дека младите се оние што ги почувствуваа најмногу ефектите од кризата. Втората работа е дека навистина треба и младински организации да седат на иста маса кога се креираат мерките за млади, бидејќи од она што можеме да го видиме и генерално како граѓански сектор, Владата многу повеќе се концентрира на спасување на работодавачите отколку на самите луѓе и млади“.
Каква помош може да очекуваат младите годинава?
Од Кабинетот на Битиќи, посочија дека младите се опфатени преку буџетски средства распределени во неколку институции и во тековната година (2021). Во продолжение ги пренесуваме интегрално основите според кои е предвидено младите да добијат парична поддршка од државниот буџет.
-100 000 000 денари за младински додаток за 2 500 корисници, преку Министерството за труд и социјална политика.
-240 350 000 за партиципација за ученичките домови и ученичките стипендии, преку Министерството за образование и наука (МОН).
-672 870 000 денари за партиципација за студентски домови, стипендии и субвенциониран студентски оброк преку МОН.
-816 000 000 денари за 2 462 корисници, како поддршка за самовработување на млади до 29 години.
-48 000 000 денари за 400 корисници (до 34 години) за обуки и дигитални вештини, преку Агенцијата за вработување.
-190 000 000 денари за 265 апликанти, од грантови за млади земјоделци.
Од оперативниот план за вработување за 2021 предвидени се:
-113 000 000 денари за 530 субвенционирање на плати.
-30 000 000 за 400 корисници за обуки за побарувани занимања.
-85 000 000 денари за 750 корисници.
За практиканство, 40 000 000 ќе се распределат на 1 413 невработени лица до 34 години.
Во буџетот за 2021 година на Агенција за млади и спорт за Сектор млади, одвоени се 19.808.000,00 денари, по следниве ставки.
420 – патни и дневни расходи – 320.000,00.
421 – комунални услуги – 155.000,00.
425 – договорни услиги – 2.180.000,00.
426- други тековни расходи – 8.700.000,00.
463 – трансвери до невладини организации – 4.000.000,00.
464 – разни трансфери – 3.953.000,00.
483- купување мебел – 500.000,00.
Одвоените средства за млади се 5,8% од вкупниот буџет на Агенција за млади и спорт, кој за 2021 година изнесува 341.516.000,00 денари.