Сто триесет и шест компании со 1 737 вработени ги исполниле условите и критериумите за бескаматните кредити, во вкупен износ од 1 263 079 евра, од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) за намалување на последиците од коронавирусот.
„Од овие 136 компании апликанти, 96 отсто се компании до 10 и компании до 50 вработени, што покажува дека средствата од бескаматната линија ‘ковид 1’ примарно ќе стигнат до микро и малите компании”, соопштија од Владата, повикувајќи се на информациите од Развојната банка која ќе ги склучи договорите за овие кредити.
Како што соопшти владината прес-служба, најдоцна до крајот на неделата Развојна банка ќе стапи во контакт со сите компании чии кредитни апликации беа одобрени на денешната седница на Влада заради реализација на договорите за кредит.