Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби денеска се испишани пет пациенти, а со тоа вкупниот број на излекувани од коронавирусот изнесува 17.
Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче, петте пациенти биле негативни на двата контролни теста и се во добра општа состојба и ќе се упатат на домашно лекување.
„Од 28 пациенти во Дебар што се наоѓаат на домашно лекување, на 11 од денеска и во следните денови им се земаат контролните брисеви. Тие се во сосем добра општа здравствена состојба, поминати се доволен број денови за да се очекува дека се негативизирани, согласно нивната состојба и согласно тоа ќе се постапи во однос на нивниот натамошен третман“,
рече Филипче.
Со ова, информираше Филипче, вкупната бројка хоспитализирани пациенти во нашата земја е 354, а вкупниот број тестирања досега во нашата земја изнесува 3 775.
На Инфективната клиника во Скопје хоспитализирани се 59 пациенти од кои 12 се со потешка клиничка слика.