Со чартер лет од Словенија денеска на аеродромот во Скопје пристигнаа 126 македонски граѓани и веќе се упатени кон задолжителен државен карантин, информира Министерството за надворешни работи.
Во попладневните часови ќе бидат вратени наши граѓани од Минхен, а за утре се предвидени два лета од Берлин и Келн/Бон.
„Упатуваме благодарност кон надлежните власти во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово/НАТО, Србија, Германија и Австрија за соработката при издавање на дозволи за прелет и целокупната поддршка во овие отежнати околности. МНР продолжува со напорите за враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани во странство“,
соопштуваат од МНР.
Чартер летовите ги реализира авиопревозникот „Визер“, којшто за овие четири дестинации на јавниот повик од Владата, понудил најниска цена. Цената за авиобилетот се определува од вкупната цена на летот поделена со број на патници.
Враќањето на македонските граѓани се организира од Министерството за надворешни работи во соработка со Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за здравство.