За време на зимскиот распоред полетувањата во сите три дена ќе бидат во 06:30 часот, а пристигнување во 11:30 часот по локално време

Авиокомпанијата „Визер“ започна со нова авиолинија од Скопје до Штутгарт, со летови кои ќе се одвиваат трипати неделно, и тоа секој понеделник, среда и петок. Првиот лет полета денеска во 06:25 часот наутро од Меѓународниот аеродром „Скопје“. Ова е деветта рута на „Визер“ кон Германија, соопштија од „ТАВ Македонија“, компанијата која управува со аеродромот.
Во летниот распоред на летање, кој трае до 24 октомври, полетувањата од скопскиот аеродром во понеделник и петок ќе бидат во 06:25 часот, а пристигнување во Штутгарт е во 11:10 часот по локално време. Во овој период, во среда, поаѓањето од Скопје е во 06:30 часот, а пристигнување во Штутгарт во 11:10 часот по локално време.
За време на зимскиот распоред полетувањата во сите три дена ќе бидат во 06:30 часот, а пристигнување во 11:30 часот по локално време.
Со додавањето на Штутгарт на мапата на рути на Меѓународниот Аеродром „Скопје“, „Визер“ има вкупно девет рути до девет града во Германија – Штутгарт, Берлин, Дортмунд, Баден-Баден, Фридрихсхафен, Хамбург, Франкфурт-Хан, Минхен-Меминген и Нирнберг.
Оваа дестинација се надоврзува на оние што претходно беа најавени, а тие се до Стокхолм и до Мадрид, кои почнуваат од 2 ноември, потоа до Келн – која почнува на 20 декември, до Бари и Прага – исто така на 20 декември, и до Ларнака, која почнува на 30 октомври.
Освен овие дестинации од следната година се најавуваат и пет нови кои ќе бидат до аеродромите во Скопје и во Охрид.
Од 6 април следната година ќе започнат летови од Неапол и Будимпешта до скопскиот аеродром. До охридскиот аеродром, пак, од 28 јуни ќе се воведат летови од Катовице, Вроцлав и Милано.
Од „ТАВ Македонија“ велат дека летовите од Скопје до Неапол и Будимпешта од скопскиот аеродром ќе стартуваат на 30 март 2026 година, а ќе се реализираат секои понеделник, среда и петок.
Од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, пак, патниците ќе имаат можност директно да се поврзат со полските градови Катовице и Вроцлав, како и со Милано.
Летовите од охридскиот аеродром до сите три дестинации ќе се одвиваат двапати неделно, до Милано ќе стартуваат, исто така, на 30 март 2026 година, додека за Вроцлав на 7 јуни и Катовице на 8 јуни идната година.