На веб-страницата и на мобилната апликација на „Визер“ не се достапни услугите, како системот за резервации, онлајн системот за пријавување и прикажување на картата за патување и контакт-центри – нови резервации и промена на постоечките
Проблем со пријавување на патници поради глобалните прекини во ИТ-мрежите може очекува и унгарската авиокомпанија „Визер“, која лета од Меѓународниот аеродром „Скопје“. Оттаму ги информираат патниците да дојдат најмалку три часа порано пред нивниот лет на аеродром, со цел да можат да се пријават на шалтерите.

Од компанијата соопштија дека може да има прекини низ мрежата, зашто услугите на веб-страницата и мобилните апликации се привремено недостапни.
„За време на прекинот достапно е бесплатно пријавување на аеродромите. Затоа, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродромите најмалку три часа пред закажаното време за поаѓање. Така ќе овозможат доволно време за пријавување, безбедносна контрола, здравствени и безбедносни процедури специфични за аеродромите“,
се вели во соопштението од „Визер“.
На веб-страницата и на мобилната апликација на „Визер“ не се достапни услугите, како системот за резервации, онлајн системот за пријавување и прикажување на картата за патување и контакт-центри – нови резервации и промена на постоечките.
Водечки авиокомпании, банки, телекомуникациски компании и медиуми ширум светот од утринава пријавиле проблеми и прекини во ИТ-мрежите.
Причината за прекините на глобалниот систем засега е нејасна, но многу од засегнатите ја поврзаа со оперативните системи на „Мајкрософт“. Од компанијата подоцна соопштија дека преземаат мерки за ублажување на проблемите кои предизвикаа технички проблеми и прекини во функционирањето на компаниите ширум светот.