Посетата е на само неколку дена пред да истече рокот што американскиот претседател му го даде на својот руски колега Владимир Путин за постигнување договор за прекин на огнот со Украина
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, денеска пристигна во Русија, откако Кремљ побара средба со него во последен обид да ги избегне новите казнени санкции што Трамп се закани дека ќе ги воведе неделава.
Виткоф беше пречекан на аеродромот Внуково од рускиот инвестициски претставник Кирил Дмитриев, објави Ројтерс.
Се очекува тој за време на посетата да се сретне со разни руски претставници – вклучувајќи и потенцијални разговори со претседателот Владимир Путин, во услови на тековната војна на Русија во Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потврди средба меѓу САД и Русија.
Средбата е закажана само неколку дена пред да истече рокот што американскиот претседател му го даде на својот руски колега Владимир Путин за постигнување договор за прекин на огнот со Украина.
Трамп, кој во последните недели упатува остри пораки кон рускиот претседател Владимир Путин, му даде рок до 8 август да се согласи на прекин на огнот со Украина или ќе се соочи со построги санкции.
Дали Путин може да го убеди Виткоф – а со тоа и Трамп – дека е заинтересиран за завршување на војната е отворено прашање.
Трамп фрли сомнеж врз подготвеноста на Путин да ги запре борбите и се чини дека е претпазлив да не биде наведен од лидер на кого сега отворено не му верува, анализираат странските медиуми.
Еден ден пред посетата на Виткоф, Трамп разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски за потенцијални санкции врз Москва.