Кривичниот суд во Скопје денеска ја изрече пресудата за сообраќајната незгода кај Млечениот ресторан во Скопје во 2018 година, во која животот го загуби едно лице а неговата бремена сопруга и сопатничка се здоби со тешки телесни повреди и го загуби плодот. Жртвите беа патници на мотор чиј пат го пресекол возач на џип кој недозволено преминал преку двојна полна лента на булеварот Теодосиј Гологанов.

Судијката Елена Јосифовиќ одлучила да досуди само условна казна за возачот на џипот, кој патем ја признал вината и пред судот не се бранел дека е невин.
Која правна држава ја имаме?
На одлуката на судот, на социјалните мрежи, прво реагираше сопругата на починатиот, Наташа Апостолоска, која и самата има тешки последици од несреќата.
„Денеска, во името на граѓаните на РСМ, судијата Елена Илиевска Јосифовиќ при ОС Скопје 1, му изрече условна осуда на оној кој ми го одзеде сопругот на 32 години, бебето и мене ме остави со тешки телесни повреди!!! Само затоа што признал! Дно дна!!!
напиша Апостолска на „Фејсбук“.

Со слична реакција се јави и таткото на починатиот. Вели дека уште пред изрекувањето на пресудата биле предупредени да останат смирени.
„Пријатели. Сакам да ве известам дека денес се донесе пресуда за смртта на мојот син кој загина пред две години во сообраќајка. Неговата сопруга бремена го изгуби плодот и се здоби со тешки телесни повреди. Пред да ја каже судијката пресудата ме известија дека каква и да биде пресудата да останеме смирени, бидејќи може да бидеме казнети. Судијката со многу очај кажа дека многу и било тешко да ја донесе оваа пресуда. На сите отежителни и олеснителни околности, пресудата гласеше не е виновен и ќе биде две години условно осуден. Така да сега кој е кој? Ние ќе бидеме казнети ако негодуваме а тој што одзеде животи и уништи животи на фамилии си е слободен? Тоа е нашето судство, обвинителство и цел ланец на судски заврзлами. Не смеам да кажам некој лош збор на „Фејсбук“ бидејќи може да дојдат и да ме најдат за виновен. Сега нека пресуди народот кое судство и која правна држава ја имаме“,
пишува меѓудругото таткото на починатиот.

Кој е осудениот и за што се товари?
Возачат на џипот „ситроен крузер“ е Васил Ч. кој според полициските билтени, во моментот на несреќата имал 62 години. Тој е директор на фирма во Тетово.
Делото за кое го товарело ОЈО Скопје е „Тешки дела против безбедноста на имотот и луѓето“ од член 300, став 4, во врска со член 297, став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Преведено на секојдневен јазик, возачот на џипот се товари дека ја загрозил безбедноста во сообраќајот поради небрежност, како што може да се види од ставовите 1 и 3 од членот 297 од Кривичниот законик.
„ (1) Учесник во сообраќај на јавните патишта кој не се придржува кон прописите и со тоа ќе го загрози јавниот сообраќај така што ќе ги доведе во опасност животот или телото на луѓето или имот од значителен обем, па поради тоа некое лице телесно ќе биде повредено или ќе настапи значителна имотна штета, ќе се
гласат став 1 и став 3 од член 297 од Кривичниот законик.
казни со парична казна или со затвор до три години.
(3) Тој што делото од ставовите 1 и 2 ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“,
Но, бидејќи имало и смртни последици, возачот се товари примарно по член 300, каде во став 4 е предвидена казна затвор од една до пет години доколу настапи смрт на едно или повеќе лица.

Првото рочиште за предметот се одржало завчера и Васил Ч. веднаш ја признал вината за сообраќајната незгода. Според правните застапници на оштетените, судот побарал дополнително време за да изрече пресуда, па таа била соопштена денеска.
ОЈО Скопје чека пресуда за да одлучи дали ќе се жали
Пресудата која денеска ја слушнале оштетените во случајот е само изречена, но не е и напишана. Од изјавите на оштетените на социјалните мрежи може само да се препознае дека судијката високо го ценела фактот што осудениот признал вина, па му досудила условна осуда.
Сепак, целата аргументација за нејзината одлука, судијката Елена Јосифовиќ ќе ја напише во писмената верзија на пресудата. „360 степени“ се обрати и до Основното јавно обвинителство – Скопје со прашање – дали ќе се жалат на пресуда. Одговорија дека нема да ја коментираа пресудата додека не ја добијат на писмено.
„По примањето на писмено изработената пресуда Обвинителството ќе ги разлгледа аргументите во неа и ќе донесе одлука за понатамошното постапување по предметот“,
велат од ОЈО Скопје за „360 степени“.
Обвинителството, кое и го гони сторителот, има две опции. Едната е да поднесе жалба за висината на казната по добивањето на пресудата во законскиот рок, по што предметот ќе продолжи на повисокиот Апелационен суд. Доколку нема жалба во законскиот рок, пресудата за условна казна за сообраќајката со смртни последици ќе стане и правосилна.