Девет дена траело преточувањето на токсичната хемикалија винил хлорид мономер (ВЦМ) од старата во нова цистерна во „Охис“, која треба да се извезе во Германија. Преточувањето етапно го извршиле експерти од француската компанија „Куриум“ , кои на крајот ги елиминирале сите остатоци од 14-те тони хемикалија во старата вагонска цистерна. Французите како подизведувачи ги ангажирала фирмата „Еко центар 97“, која е задолжена за остранување на 11 хемикалии од „Охис“, меѓу кои е и винил хлоридот. Оттаму уверуваат дека процесот бил безбеден и не оставил последици врз околината.
„При целата постапка се вршеше континуирано мерење на притисок во цистерните, како и мерење на концентрација на ВЦМ во воздухот непосредно до вагонската цистерна и до сите вентили со детектор за гас кој што покажуваше 0ppm и експлозиометар кој што покажуваше 0% експлозивност. Во текот на преточувањето не беа испуштени штетни гасови во околината. По завршувањето, беа отворени сите вентили и челниот отвор на старата вагонска цистерна и повторно се изврши мерење на токсични гасови и експлозивност, при што не беше детектирано присуство на ВЦМ во воздухот, што е знак за комплетно преточување и успешно инертизација“,
соопшти фирмата „Еко Центар 97“.

Од „Еко Центар 97“ велат дека секојдневно се следи притисокот и во новата цистерна.

Фирмата има дозвола и за прекуграничен извоз на опасен отпад. Планот е преку транзитни земји ( Србија, Хрватска, Словенија и Австрија), цистерната да се транспортира до инсенератор (печка за палење отпад) во Германија. Министерството за животна средина не знае кога точно отпадот ќе се извезе.
„Следува фаза на транспортирање за што се обезбедени сите потребни документи, а се очекуваат точните датуми на транзит на цистерната со опасен отпад низ државите до конечната дестинација- Германија“,
велат од Министерството за животна средина.

Уште 10 тони друг опасен отпад чека извоз
Фирмата „Еко Центар 97“ е ангажирана за отстранување на дел од хемикалиите во „Охис“ преку проектот „Отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи“. Досега испратиле околу 55 тони отпад на уништување. Покрај последната активност со винил хлоридот, претходно спакувале и складирале уште 10 тони хемиски супстанции, но, поради коронавирусот, извозот не можел да се организира и дозволата истекла.
„Постапката за вадење на нова дозвола е веќе започната и очекуваме дозволи од надлежните органи на сите транзитни земји, како и на земјите на извоз и увоз“,
велат од „Еко Центар 97“.
Опасниот отпад досега етапно се извезуваше во странство, а заклучно со винил хлоридот на фирмата ѝ завршуваат сите активности предвидени во проектот.
Некогашниот хемиски гигант „Охис“ во старите хангари крие различни типови хемиски супстаниции, кои останале од некогашото производство на пестициди, киселини, детергенти, ПВЦ-пластика, бои и лакови. Останува отворено прашањето за депониите со токсичниот линдан во дворот на „Охис“, за чие отстранување обврска зема Владата.

„Охис“ е во стечај, а според Генералниот урбанистички план на Град Скопје, таа локација е наменета за лесна и незагадувачка индустрија.