Викендите без ДДВ, кои Владата ги најави како мерка за помош на економијата и граѓаните, ќе се воведат штом стивне епидемијата, а според првичните проценки тоа би било крајот на август или почетокот на септември. Право да ја користат оваа мерка ќе имаат граѓаните што ја користат апликацијата „Мој ДДВ“, информира советникот на претседателот на Владата, Фатмир Битиќи.
На новинарско прашање дали на овој начин не се ризикува да се предизвика метеж по продавниците што е, пак, ризик за ширење на вирусот, Битиќи вели дека ќе се следи развојот на епидемијата и препораките на здравствените власти, и ќе се одлучи кога е најдобро мерката да се реализира. Ризикот од злоупотреби, пак, како прикривање данок, смета дека е минимален.
„Ова е мерка која се предвидува да се реализира кон крајот на август и почетокот на септември, со очекување дека пандемијата ќе спласне. Секако, ако во тој период има такви препораки за негрупирање, ќе се види кога е најпогодниот момент за тоа да се реализира. Нема да креираме мерка која што ќе ги загрози животите на граѓаните. Ова не е некоја нова активност која не е направена и во други земји. Само корисниците на апликацијата ‘Мој ДДВ’ ќе можат да учествуваат во нејзе и само продуктите кој единствено тој ден ќе се продадат и ќе имаат фискална сметка влегуваат во овој пакет на викенд без ДДВ“,
изјави Битиќи.
Тој изјави дека во наредниот период ќе има и повик до граѓаните за аплицирање за платежните картички во вредност од 9 000 денари, како и за туристичките ваучери од 6 000 денари за посета на домашни хотели или други сместувачки капацитети.
„Секоја мерка таргетира посебна група граѓани. Домашна платежна картичка добиваат сите лица кои се невработени или се приматели на минимална помош. Во нашите евиденции тоа е некаде околу 130-140 000 граѓани, но сите овие не смеат да имаат дополнителни приходи повеќе од 15 000 месечно. За втората мерка, поттикнување на домашен туризам таргетираме друга категорија луѓе односно сите вработени лица кои не примаат нето плата повисока од 15 000 денари. Во третата категорија се младите како помош за обуки, покривање партиципација итн“,
изјави Битиќи.
Битиќи ги презентираше и останатите мерки на Владата со кои, како што вели, им се нуди поддршка и за земјоделството и бизнисот. Здравствените работници, пак, кои се директно вклучени во борбата со ковид-19, ќе земаат за 20 отсто повисока плата во наредните два месеца.
